Лидерката на АфД ќе патува за Будимпешта на средба со Орбан пред изборите во Германија
- „Ви благодарам за поканата, премиере Виктор Орбан. Со нетрпение очекувам да се сретнам со вас“, напиша таа. Орбан претходно за швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“ изјави дека средбата ја побарала Вајдел.

Берлин, 3 февруари 2025 (МИА) - Лидерката на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), Алиса Вајдел, следната недела треба да се сретне со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта.
Вајдел, кандидатката на АфД за канцеларка на претстојните избори во Германија, ја потврди информацијата дека ќе го посети Орбан на платформата Х.
„Ви благодарам за поканата, премиере Виктор Орбан. Со нетрпение очекувам да се сретнам со вас“, напиша таа.
Орбан претходно за швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“ изјави дека средбата ја побарала Вајдел.
Популистичкиот унгарски лидер ја изрази својата поддршка за АфД и минатата недела го поздрави контроверзниот предлог што, со поддршка на екстремната десница, помина во германскиот Парламент.
„АфД може да добие 20 отсто од гласовите. Ако лидерката на партијата сака да разговара со мене, зошто јас да одбијам? Ако германскиот канцелар Олаф Шолц го сакаше истото, јас би го прифатил и него. Но, ова не е итна опасност“.
Портпаролот на АфД, Даниел Тап, рече дека Вајдел патува во Будимпешта на средба со Орбан помеѓу 11 и 12 февруари.сд/
фото: МИА архива