Лидерите на двете заедници во Кипар велат дека се подготвени за состанок за обновување на мировните преговори
- Лидерите на турската и грчката заедница во етнички поделениот Кипар денеска изјавија дека се подготвени да учествуваат на средба под водство на ОН, која треба да се одржи во март и која може да го отвори патот за обновување на официјалните мировни преговори по осумгодишен застој.

Никозија, 10 февруари 2025 (МИА) - Лидерите на турската и грчката заедница во етнички поделениот Кипар денеска изјавија дека се подготвени да учествуваат на средба под водство на ОН, која треба да се одржи во март и која може да го отвори патот за обновување на официјалните мировни преговори по осумгодишен застој.
Сепак, останува неизвесно дали средбата ќе ги надмине длабоките разлики меѓу лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар и претседателот на кипарските Грци Никос Христодулидис за тоа како треба да изгледа идното мировно решение.
Двајцата лидери денеска одржаа одделни разговори со заменик-генералниот секретар на ОН за политички прашања, Розмари Ди Карло, во рамките на подготовките за средбата во средината на март. На состанокот ќе присуствуваат и претставници од Грција, Турција и Велика Британија – земјите-гаранти на Кипар.
- Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, останува посветен на обновување на дијалогот, изјави Ди Карло, додека Христодулидис повтори дека продолжената етничка поделба не може да биде иднината на островот.
Кипар е поделен од 1974 година, кога Турција воена интервенираше во северниот дел како одговор на државен удар што имаше за цел обединување на островот со Грција. Во 1983 година, кипарските Турци еднострано ја прогласија Севернокипарската Турска Република, која е призната само од Анкара.
Грција и Република Кипар се залагаат за федерално решение, додека Турција и кипарските Турци инсистираат на формула за две независни држави, со „суверена еднаквост“ и рамноправен меѓународен статус.
Татар најави дека средбата ќе се одржи на 17-18 март, но портпаролот на кипарската влада Константинос Летимбиотис изјави дека ОН ќе ги потврди точните датуми. ссм/
фото: архива