• петок, 09 јануари 2026

Левицата е за укинување на т.н. пржинска влада и непотребните дополнителни заменик-министри со право на вето

Левицата е за укинување на т.н. пржинска влада и непотребните дополнителни заменик-министри со право на вето

9 јануари 2026

Левицата е за укинување на т.н. пржинска влада и непотребните дополнителни заменик-министри со право на вето сметајќи дека таа нема смисла и се претвори во алатка за меѓупартиско пазарење, се наведува во соопштението од Левицата, што МИА го пренесува интегрално.

Техничката влада функционира како фасада и привид на фер, демократски избори и плурализам, зад кој продолжуваат суштинската политичка нееднаквост, селективноста и цензурата. Затоа, укинувањето на техничката влада за нас е прифатливо само доколку оди рака под рака со вистински, а не декларативни демократски реформи.

За почеток, воведување една изборна единица како единствен начин за секој глас да вреди еднакво.

Вториот услов е укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за политичките субјекти. Потсетуваме дека на последните избори токму Левицата како парламентарна партија беше единствената на која, поради правна празнина, ѝ беше оневозможено какво било политичко рекламирање. По завршувањето на изборите, Левицата во Собранието предложи законски измени за надминување на оваа дискриминација, но тие не беа прифатени од владејачкото мнозинство.

Прецизираме дека не сметаме оти институциите се созреани ниту, пак, дека постојната пракса на технички влади донесе фер, демократски и избори без институционални злоупотреби. Напротив, техничката влада се покажа како механизам за дополнителни злоупотреби и параван зад кој се задоволуваат апетитите на владејачките и на коалициските структури на естаблишмент-партиите.

Во периоди кога техничката влада формално треба да служи исклучиво за организација и спроведување на изборите, јавноста беше сведок како се носат системски закони по скратена постапка, се шверцуваат законски измени и се штитат интереси на моќни бизнис- и урбанистички лобија како што беше случајот и со последната пржинска влада.

Демократијата не се мери со бројот на договори меѓу партиските елити, туку со тоа дали гласот на секој граѓанин вреди еднакво и дали секоја политичка опција има право да биде слушната. 

Левицата нема да учествува во шминкање на системот, без да се испорачаат нужни реформи.

За крај, потсетуваме дека една изборна единица е и ветување на ДПМНЕ за овој мандат. Оттука, ги повикуваме да не бегаат од сопственото ветување и предизборните заложби.

Остани поврзан