Кумановската гимназија „Гоце Делчев“ домаќин на ученици и професори од европски држави, дел од меѓународна образовна размена
- Меѓународната размена е пример за современо образование, кое преку соработка, мобилност и иновации придонесува кон развој на компетенции релевантни за 21 век, зајакнување на интеркултурниот дијалог и градење на отворено и инклузивно општество.
Куманово, 24 март 2026 (МИА) - Кумановската гимназија „Гоце Делчев“ е домаќин на ученици од европски држави, дел од меѓународна образовна размена преку европски проекти за здрава исхрана и иновативна настава. Денеска, градоначалникот на општината Максим Димитриевски и претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, се сретнаа со учениците и професорите кои се во посета на градот. „Гоце Делчев“ е домаќин на ученици од Мартиник, Франција, кои работат на темата „Здрава исхрана на твојата чинија“, како и на група ученици од Полска, вклучени во проектот „Наставата локално, соработка глобално“, фокусиран на иновативни пристапи во наставата по јазик, математика и дигитални вештини.

-Оваа мобилност е резултат на континуирана меѓународна соработка, воспоставена преку претходно реализирани проекти – „30 е многу доцна“ и „Дигитализирај се“, во партнерство со училиште од Нови Двор Мазовјецки, Полска, како и проектот „Одржливо инклузивно образование“, спроведен со партнер од Форт де Франс, Мартиник- наведуваат од општина Куманово.

Програмата вклучува и културно-едукативни активности. Предвидени се посети на Охрид и Скопје, каде учениците ќе имаат можност да се запознаат со културно-историското наследство, традицијата и современиот развој на државата. Сите активности се реализираат под координација на наставничката по информатика Јасмина Денковска, која активно работи на спроведување на проектите и оваа недела. Од Општина Куманово посочуваат дека ваквите размени претставуваат значаен сегмент од современото образование, бидејќи преку соработка, мобилност и иновации се развиваат компетенции релевантни за 21 век, се зајакнува интеркултурниот дијалог и се поттикнува градењето на отворено и инклузивно општество. ам/сст/
Фото МИА и општина Куманово