Култура на почитување и емпатија меѓу младите предуслов за спречување на родово-базирано насилство
- Законските измени не се доволни за спречување родово-базирано насилство – потребна е промена на однесувањата и градење култура на почитување и емпатија меѓу младите. Ова беше главната порака од завршната конференција на проектот „Градење на здрави животни навики на младите луѓе“, организирана од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) што се одржа во Скопје.
Скопје, 27 ноември 2025 (МИА) – Законските измени не се доволни за спречување родово-базирано насилство – потребна е промена на однесувањата и градење култура на почитување и емпатија меѓу младите. Ова беше главната порака од завршната конференција на проектот „Градење на здрави животни навики на младите луѓе“, организирана од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), што се одржа во Скопје.
- Промената на законското решение може само да доведе до повеќе кривични случаи, но доколку не работиме на подигнување на свеста и градење однесување засновано на доверба, почитување и емпатија, нема да ја постигнеме целта на Истанбулската конвенција – а тоа е намалување на родово-базираното насилство, изјави Марија Ристеска, извршна директорка на ЦИКП.
Таа додаде дека проектот се фокусира на работа со младите преку едукација и развој на животни вештини.
- Започнавме со програма за момчиња, инспирирана од фактот дека никој не работи со нив. За да постигнеме превенција, мораме да ги поддржиме и момчињата и девојчињата, да ги научиме како меѓусебно да се почитуваат и да комуницираат на нетоксичен начин. Во втората фаза работиме и со девојчињата, затоа што не постои само токсична машкост, туку и токсична женскост. Целта е да се изедначат двата пола и да се подобри меѓусебната комуникација, рече таа.
Стојан Пандов, советник за млади во Кабинетот на премиерот, го истакна демографскиот предизвик и потребата од мерки за младите.

- Мислам дека демографијата не е проблем само во Македонија – тоа е светски тренд, каде што наталитетот опаѓа. Имаме голем „brain drain“ – одлив на млади и талентирани луѓе кои своите способности ги носат во други држави. Како влада, треба да продолжиме да работиме на вакви програми и мерки кои ќе ги задржат младите во Македонија и ќе им овозможат да градат семејства тука, рече тој.
Амбасадорката на Холандија, Озлем Џанел, ја нагласи важноста на еднаквоста и вклучувањето на двата пола.
- Мислам дека е многу важно да им дадеме на луѓето знаење и свест – како да се справат со различни ситуации, како да препознаат проблеми и да реагираат соодветно. Сакам да нагласам дека кога зборуваме за родово базирано насилство, тоа не се однесува само на жените. Потребни се и мажите, рече таа.
Проектот „Градење на здрави животни навики на младите луѓе“ е дел од регионалната иницијатива Young Men Initiative и се спроведува во девет општини во Македонија од октомври 2023 година. Преку работилници, волонтерство и активизам, младите развиваат вештини за градење здрави односи и стануваат активни чинители во своите заедници. ар/паг/
Фото: МИА