• сабота, 22 февруари 2025

Кошта за американските царини: ЕУ е обединета во одбрана на интересите на своите бизниси, работници и граѓани 

Кошта за американските царини: ЕУ е обединета во одбрана на интересите на своите бизниси, работници и граѓани 

Брисел, 11 февруари 2025 (МИА) – Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта порача дека целосно ја поддржува Европската комисија во обезбедувањето цврст и соодветен одговор на „неоправданите царини“ за увозот на челик и алуминиум во САД, што со одлука на американскиот претседател Доналд Трамп треба да стапат во сила од утре. 

- ЕУ е обединета во одбрана на интересите на своите бизниси, работници и граѓани. Ние сме доверлив и предвидлив партнер. Ќе продолжиме да се залагаме за правична глобална трговија, објави Кошта на Икс. 

Во продолжение на објавата Кошта ја пренесува и реакцијата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на одлуката на Трамп за воведување царини од 25 отсто на увозот на челик и алуминиум во САД.  

- ЕУ ќе дејствува за да ги заштити своите економски интереси. Ќе ги заштитиме нашите работници, бизниси и потрошувачи, наведе Фон дер Лајен, изразувајќи жалење поради одлуката на Белата куќа  

Таа додаде дека царините се даноци, кои се лоши за бизнисот, полошо за потрошувачите и на кои ЕУ ќе одговори.  

- Неоправданите царини кон ЕУ нема да останат без одговор - тие ќе предизвикаат цврсти и пропорционални контрамерки, потенцира Фон дер Лајен во објавата. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан