• сабота, 22 февруари 2025

Кос: Војната во Украина е војна за свет во кој секоја нација има право да одлучува за својата иднина 

Кос: Војната во Украина е војна за свет во кој секоја нација има право да одлучува за својата иднина 

Стразбур, 11 февруари 2025 (МИА) - Во изминативе три години од почетокот на руската агресија врз Украина, украинскиот народ покажа импресивна храброст и издржливост и Украинците застанаа заедно да ја бранат не само својата земја, туку и своите вредности, нивната слобода и својата иднина што ја гледаат како членка на Европската Унија, порача денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур на дебатата „Продолжување на непоколебливата поддршка на ЕУ за Украина, три години по руска агресија“. 

- Храброста и издржливоста на украинскиот народ го инспирираа светот, но самата инспирација не е доволна. Ова не е само борбата на Украина. Тоа е борба за вредностите на слободата, мирот и безбедноста кои не дефинираат сите нас, изјави Кос. 

Таа нагласи дека во изминативе три години, животите на многу Украинци се променија засекогаш, многу семејствата беа разделени, децата учат да читаат во подземни училишта, луѓето се грижат за своите сакани и трчаат во засолништа речиси секоја вечер. 

- Многумина во Украина гледаат кон Европа затоа што виделе свет без вредности. Свет на бруталност, неправда и неказнивост. Ова е фундаменталното прашање во срцето на оваа војна: во каков свет сакаме да живееме? Свет каде воената моќ ја диктира судбината на народите? Или свет изграден на правила? Правила кои гарантираат дека секоја нација има право да одлучува за својата иднина, нагласи Кос. 

Еврокомесарката потенцира дека на Украина и е потребна континуирана политичка, економска и воена поддршка од ЕУ.  

- Борбата на Украина е и наша борба за Европа, која ја цени правдата над агресијата и единството над поделбата. Со поддршката на Украина, ние ги чуваме и самите основи на европскиот мир и безбедност. Заедно мораме да останеме решителни, додаде Кос. 

Таа потсети дека во изминативе три години ЕУ мобилизираше воена, хуманитарна, економска и финансиска поддршка за Украина без преседан, за да и помогне да се спротивстави на руската агресија, да ги одржува основните јавни услуги и да продолжи да функционира нејзината економија, но и да спроведе амбициозни реформи што ќе ја доближат до членство во Унијата. 

- ЕУ презеде решителни чекори за поддршка на Украина и нашата посветеност не смее да биде поколебана. Украина заслужува праведен мир. Мораме да ја зајакнеме позицијата на Украина особено пред потенцијалните дискусии за ставање крај на оваа агресивна војна. На Украина ќе и требаат силни, веродостојни и долгорочни безбедносни гаранции за да ги одврати идните напади, додаде Кос. 

Таа најави дека ЕУ ќе продолжи да ги користи приходите од замрзнатите руски средства за поддршка на Украина, како и дека подготвува дополнителни пакети санкции за да ја ограничи способноста на Русија за војување.

- Украинскиот народ презема огромни напори под многу тешки околности и Европската унија треба да го признае тоа. Ова е природата на политиката за проширување на ЕУ заснована на заслуги: треба да ги усогласиме нивните напори и да го отвориме првиот Кластер од преговорите, што е можно поскоро оваа година. Пораката на ЕУ до Украина е јасна: Украина е дел од нашето европско семејство и ние ќе бидеме со вас онолку долго колку што е потребно, заклучи Кос во обраќањето. сп/

Фото: ЕП

Остани поврзан