Конте: Мора да бидеме горди на она што го правиме
- Тренерот на Наполи, Антонио Конте изјави дека е горд на својот тим по ремито со Лацио во 25. коло од Серија „А“, објавија италијанските медиуми.

Неапол, 16 февруари 2025 (МИА) - Тренерот на Наполи, Антонио Конте изјави дека е горд на својот тим по ремито со Лацио во 25. коло од Серија „А“, објавија италијанските медиуми.
Лацио и Наполи одиграа нерешено 2-2 во Рим во саботата. Ова беше трето последователно реми за Наполи во италијанскиот шампионат.
-Ситуацијата е разочарувачка, бидејќи на последните две гостувања на „Олимпико“ испуштивме четири бода. И двата пати примивме голови доцна во мечот. Имаме квалитет, докажуваме дека сме тешки за победа, но ваквите резултати оставаат горчлив вкус во устата, изјави Конте.
Италијанските медиуми пренесуваат дека Конте имал проблеми со повредени играчи, поради што Наполи против Лацио играше во формација 3-5-2.
-Не смееме да одиме против карактеристиките на нашите играчи. Имавме план, момците го почитуваа и не можев да барам повеќе од ова, додаде тренерот на Наполи.
Фудбалерите на Наполи и понатаму се на првото место во Серија А со 56 бодови.
-Мораме да бидеме горди на она што го правиме, да се бориме за овој дрес како што правиме на секој натпревар. Се трудиме да го дадеме најдоброто од себе. Знаеме колку напорно работевме за да стигнеме до врвот на табелата. Горд сум кога ќе видам што направивме, заклучи Конте. дс
Фото: Архива