Конститутивна седница на Советот на Општина Кисела Вода, за претседател избрана Светлана Колариќ
- На денешната конститутивна седница на новиот состав на Советот на Општина Кисела Вода беа верификувани мандатите на новоизбраните 27 советници и за претседател на Советот беше избрана Светлана Колариќ.
Скопје, 5 ноември 2025 (МИА) - На денешната конститутивна седница на новиот состав на Советот на Општина Кисела Вода беа верификувани мандатите на новоизбраните 27 советници и за претседател на Советот беше избрана Светлана Колариќ.
Како што информира Општина Кисела Вода, во своето обраќање Колариќ истакна дека изборот ја обврзува уште посилно да работи во интерес на граѓаните и да го унапреди демократскиот дијалог во рамки на Советот.
-За мене е чест повторно да свикувам и раководам со седниците, да се грижам за организацијата и работата на Советот и директно да учествувам во носењето акти од чија имплементација зависи одвивањето на процесите во нашата заедница. Од овде испраќам јасна порака до вас и до граѓаните - Советот не е место за политички натпревари, туку за носење на цврсти и одговорни одлуки со кои го креираме нашето секојдневие и се грижиме за нашите сограѓани. Од нашите одлуки зависи дали ќе се изгради или реконструира градинка, училиште, спортски објект, културен или младински дом, дали ќе се прошируваат и подобруваат мрежите за водоснабдување и канализација, уличното осветлување, зеленилото и урбаниот соживот. Впрочем, тоа е суштината на локалната власт: да се реализираат конкретни проекти, да се донесат видливи резултати и домаќински да се користат буџетските средства. Секој од нас е гласот на својата заедница и токму во тоа е силата на децентрализацијата- одлуките да се носат во дослух со граѓаните и врз основа на нивните потреби, Колариќ.
Таа истакна дека новоизбраната градоначалничка има силен легитимитет од граѓаните, остварена победа уште во првиот круг и дека Советот ќе соработува одговорно со неа во интерес на општината.

На седницата се обрати и новата градоначалничка на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска.
-Силно верувам дека од денес па во наредните четири години ќе бидеме обединети околу она што ни е заедничко, а тоа е интересот на граѓаните. Само така, со заедничка сила, со меѓусебна почит и конструктивна соработка, можеме да ја движиме нашата општина напред. Советот е срцето на локалната демократија, гласот на жителите од сите населби и населени места во Општина Кисела Вода. Вие сте нивниот глас, нивната енергија и нивната надеж дека решенијата се можни, ако сите се залагаме искрено и посветено. Како градоначалничка, мој приоритет ќе биде јасен, да ја реализирам програмата што ја ветивме, со целосен фокус на потребите на жителите. Верувам во партнерство, во дијалог и во заедништво, изјави градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.
Нека оваа конститутивна седница, како што порача, биде симбол на нов почеток – почеток на соработка, разбирање и заемна поддршка.
- Да покажеме дека можеме да ги надминеме разликите и да се обединиме во целта – да ја направиме Кисела Вода место на кое секој ќе биде горд што живее. Ви посакувам успешна и плодна работа. Нека овој Совет биде пример на зрелост, мудрост и визија. Јас, како ваша градоначалничка, ветувам дека ќе бидам отворена за секој предлог, подготвена за секоја соработка и посветена на секој граѓанин, изјави Стаменкоска-Трајкоска.

Во новиот состав има 17 советници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пет од Левица, четворица од СДСМ и еден од партијата ЗНАМ. Советот брои 17 мажи и 10 жени, претставници на различни професии и генерации.
Состав на Советот на Општина Кисела Вода (мандат 2025–2029):
ВМРО–ДПМНЕ и коалициски партнери:
- Светлана Колариќ
- Николче Николовски
- Сашо Андонов
- Елизабета Брсакоска–Георгиевска
- Антонио Десковски
- Петар Младеновски
- Зорица Огненовска
- Билјана Стојановска
- Бојан Димковски
- Златко Костадиновски
- Марија Атанасова
- Бранислав Зукиќ
- Драган Василевски
- Љубиша Спасовски
- Мануелка Ивановска
- Христос Папули
- Пецо Долевски
Левица:
18. Донче Мишовски
19. Петар Здравевски
20. Маја Дургутова
21. Љубиша Петровски
22. Давид Бошковски
СДСМ:
23. Даниела Настова Пиштолова
24. Роза Андова
25. Владимир Грујовски
26. Зорица Коцева
Движење ЗНАМ:
27. Сашо Петровски
мд/дма/
Фото: Општина Кисела Вода