• петок, 05 декември 2025

Книгата „Ѕвездите светат бесконечно“ промовирана во Кочани

Книгата „Ѕвездите светат бесконечно“ промовирана во Кочани

Кочани, 26 ноември 2025 (МИА) - Во Националната установа ЦК „Бели мугри“ синоќа во Кочани е промовирана книгата „Ѕвездите светат бесконечно“ од група автори, посветена на загинатите, повредените и хероите од трагедијат што се случи на 16 март годинава во дискотеката „Пулс“.


Во книгата се поместени поетски творби и прозни дела создадени од 75 автори од Битола, Прилеп, Струмица, Пехчево, Кочани... од цела Македонија и од наши иселеници. Издавач е  книжевниот кружок „Васил Иљоски“ од Крушево. Средствата од продажбата на книгата се наменети за повредените од Кочани.

-Ова е наше прво издание, прва збирка што ја посветуваме на ангелите и хероите кои се бореа да спасат што повеќе млади животи. Напишана е многу искрено, вредна е и е наменета за читатели од сите возрасти. Книгата е замислена да биде камен-темелник на сеќавања и оддава почит кон децата и младите што ги загубија животите и кон оние што се бореа за нив, рече на промоцијата Валентин Тасевски, библиотекар, приредувач и претседател на книжевниот кружок „Васил Иљоски“ од Крушево. 

ЦК „Бели мугри“, промоцијата на книгата „Ѕвездите светат бесконечно“ ја организираше по повод 25 ноември, денот кога е отпечатено првото издание на култната стихозбирка на Кочо Рацин - „Бели мугри“.

Промоцијата беше дополнета со музички точки и ликовна изложба на членови на Школата за сликање и цртање при НУ од Кочани. Сликите беа подарени на родители на починати во трагедијата од 16 март и на автори во промовираната книга. ис/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан