Калас: ЕУ и САД се посилни и побезбедни кога се обединети
- Политиката на новата Американска администрација има големи импликации врз Европската Унија и таквиот нов пристап бара збивање на редовите, бидејќи ЕУ и САД се посилни само кога се обединети, изјави денеска високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Брисел, 27 јануари 2025 (МИА) - Политиката на новата Американска администрација има големи импликации врз Европската Унија и таквиот нов пристап бара збивање на редовите, бидејќи ЕУ и САД се посилни само кога се обединети, изјави денеска високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
- Европа е економски играч од тешка категорија и доверлив партнер, а САД се нашиот најблизок сојузник. Нашите противници соработуваат многу тесно, па затоа треба и ние. Само заедно Европа и Северна Америка ќе бидат посилни и побезбедни, додаде Калас по завршувањето на денешното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Шефицата на европската дипломатија соопшти дека упатила покана до новиот американски државен секретар Марко Рубио да присуствува на заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ и пред своите европски колеги да ги објасни ставовите на САД, како и дека и таа самата е подготвена да го посети Вашингтон што е можно поскоро.
Во однос на најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање контрола над данскиот остров Гренланд, Калас рече дека новата администрација на САД „го зборува јазикот на трансакциите“, така што ЕУ мора да се прилагоди на таквиот јазик во преговорите.
Таа додаде дека еден од министрите на состанокот рекол оти треба да слуша што зборува претседателот на САД, но можеби не треба секогаш тие зборови да се сфаќаат буквално.
- Но, јасно е дека слушаме што зборуваат како се однесува за нашите односи, изјави Калас, додавајќи дека ЕУ не преговара со САД за Гренланд и дека целосно го поддржува територијалниот интегритет на Данска.
Калас посочи и дека ЕУ ќе продолжи да и дава приоритет на стабилноста на Западниот Балкан, потврдувајќи дека Советот го назначи данскиот дипломат Петер Соренсен за нов специјален претставник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина.
На средбата станало збор и за Украина, при што е заклучено дека на земјата и треба дополнителна помош и поддршка, повеќе муниција, обучени војници и системи за противвоздушна одбрана, затоа што, според Калас, „фронтот се движи кон Запад, а треба да се движи кон Исток“.
- Поголема воена поддршка за Украина и построги санкции за Русија се две страни на иста паричка. Поголемата воена поддршка за Украина е многу важна и за нашата сопствена безбедност, рече Калас, посочувајќи дека министрите се согласиле на продолжување на економските санкции кон Русија за шест месеци со што дополнително ќе се ускратат изворите на средства за Кремљ за продолжување на војната.
Таа додаде дека Русија ја користи енергијата за да ја уценува Молдавија, па затоа ЕУ решила да и додели на земјата 30 милиони евра за набавка на гас и електрична енергија.
- Во време кога имаат потреби, секогаш ќе ги поддржуваме нашите пријатели. Ние сме тука за нашите пријатели, додаде Калас.
Министрите разговарале и за зајакнување на безбедност на Европа, во услови кога руските хибридните активности се зголемуваат по фреквенција и интензитет.
- Нашиот неуспех да ги одвратиме таквите активности и ризици, многу е јасно дека испраќа сигнал за слабост до агресорот. Заедно сега ги зајакнуваме нашата свест, подготвеност и отпорност. Неуспехот да дејствуваме сега претставува ризикува за агресија во иднина, не само од Русија, туку и од други. Зголемувањето на трошоците за оние кои стојат зад овие напади е од суштинско значење, додаде Калас.
Таа соопшти дека на заседанието на Советот е постигнат политички договор за отпочнување на процесот на олеснување на санкциите кон Сирија, со што ќе се даде поттик на сириската економија и ќе и се помогне на земјата да застане на нозе. Сепак, Калас потенцираше дека ЕУ би можела да го „смени ваквиот курс“, доколку ситуацијата се влоши и новите сириски власти не се движат во вистинската насока.
Во врска со Договорот за прекин на огнот ва Газа, Калас оцени дека добра вест претставува ослободувањето на израелските заложници и тоа што Палестинците се враќаат во Северна Газа.
- Прекинот на огнот е кревок, но се одржува. Ние ја поддржуваме неговата имплементација, рече Калас, најавувајќи прераспоредувањето на цивилната мисија на ЕУ на граничниот премин Рафа со цел да ги надгледува граничните контроли и неговото повторно отворање со што ќе се овозможи трансфер на повредени лица надвор од Газа.
Високата претставничка соопшти и дека по прекинот на огнот во Либан и изборот на претседател на државата, министрите оцениле дека ситуацијата се движи во правилна насока и со согласиле во текот на оваа година да се одржи заседание на Советот за асоцијација меѓу Европската Унија и Либан.
- Разговаравме и за континуираните закани од страна на Иран по меѓународниот мир. Земјите членки јасно ставија до знаење дека практиката на Техеран на приведување странски државјани поради политичка корист мора да престане, додаде Калас.
На средбата станало збор и за случувањата во источниот дел на ДР Конго, при што министрите ја повикале Руанда да ја прекине поддршката за конгоанските бунтовници и да ги повлече своите трупи од земјата и порачале дека нападите врз мировниците на ОН се неприфатливи. сп/
Фото: МИА Архива