• понеделник, 29 декември 2025

Кaрпошани учествуваат во креирање на општинскиот буџет

Кaрпошани учествуваат во креирање на општинскиот буџет

Скопје, 9 декември 2025 (МИА) - Општина Карпош соопшти дека во насока на поголема транспарентност при формирање на општинскиот Буџет за 2026 година, од денеска започнала иницијатива во која директно ги вклучува граѓаните во планирање со тој процес.

По тој повод, како што се посочува, градоначалникот Сотир Лукровски, секретарот на Општината Мирјана Пехчевска Поп Илиева и претседателот на Советот, Христо Саракинов, денеска се сретнаа со жителите од урбаните заедници „Кузман Јосифовски Питу“, „Пецо Божиновски Кочо“, Нерези, Тафталиџе 1 и Тафталиџе 2.

Во рамки на координативните средби, граѓаните имаа можност непосредно да го информираат раководството на локалната самоуправа со нивните потреби и барања, со цел решавање на проблемите на пошироката локална заедница. На тој начин општинската администрација ги нотираше предлозите на граѓаните од овие населени места, а најприоритетните предлози ќе бидат интегрирани проекти, односно во Буџетот за 2026 година и во Програмите за работа на општинските Сектори. На самата дискусија присуствуваа и членови на Советот на Општина Карпош, кои исто така посочија на неколку акутни проблеми со кои се соочуваат жителите од урбаните населби, соопштија од општината.

Во тој поглед, најчести забелешки од граѓаните беа упатени во врска со проблеми со фекалната и атмосферската канализација, комуналната инфраструктура, потребата од поголем број на паркинг места и реновирање на неколку сервисни улици. Карпошани апелираа до локалните власти да го известат Министерството за внатрешни работи, за потребата од поголемо присуство на полициските службеници на теренот, како и за изнаоѓање на соодветни сообраќајни решенија за зголемување на безбедноста на пешаците. Конкретни предлози од жителите пристигнаа и за соодветно одржување на блоковското зеленило и јавната хигиена, а повеќе забелешки од граѓаните беа упатени во насока на остварување на нивните лични права од легализација со градежното земјиште, а поврзани со актуелните детални урбанистички планови, наведуваат од општината. рп/са/

Фото: Општина Карпош

Остани поврзан