Инспекциска акција во општина Центар
- Во изјавата на градоначалникот Горан Герасимовски се наведува дека ваквите објекти, каде што се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје - туку и се реална опасност за околината.
Скопје, 13 февруари 2026 (МИА) - Инспекциските служби на Општина Центар почнаа со расчистување на два напуштени објекта на улиците Тетовска број 20 во Ново Маало и Владимир Полежиновски број 7, во близина на ТЦ „Буњаковец“, соопштија денеска од локалната самоуправа.
- На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи се иселени бездомните лица затекнати во руинираниот објект по што почна расчистување на сметот во и околу куќата - појаснија од Општината.
Интервенцијата била извршена по пријава и барање на жителите од околните згради поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
- На втората локација во „Буњаковец“, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот што е претворен во мини депонија - информираа од локалната самоуправа.
Ова не е првпат инспекциските служби на Општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите.
- И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно-правни односи. Иако со сопствениците е стапено во контакт, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност - посочија од Општина Центар.
Во изјавата на градоначалникот Горан Герасимовски се наведува дека ваквите објекти, каде што се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје туку и се реална опасност за околината.
- Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме - порача Герасимовски. бд/сст/
Фото: Општина Центар