Излезе новиот роман од Милован Стефановски – „Тишина што сака да викне“
- Деновиве излезе од печат најновото дело на писателот Милован Стефановски со наслов „Тишина што сака да викне“. Стефановски е автор на триесет и четири досега објавени книги од кои шест се романи, осум стихозбирки и неколку книги избори, препеви и есеи. За своето творештво е добитник на највисоките книжевни награди и признанија во земјата, меѓу кои и на државната награда „Свети Климент Охридски“.
Скопје, 19 ноември 2025 (МИА) - Деновиве излезе од печат најновото дело на писателот Милован Стефановски со наслов „Тишина што сака да викне“. Стефановски е автор на триесет и четири досега објавени книги од кои шест се романи, осум стихозбирки и неколку книги избори, препеви и есеи. За своето творештво е добитник на највисоките книжевни награди и признанија во земјата, меѓу кои и на државната награда „Свети Климент Охридски“.
За најновата негова книга „Тишина што сака да викне“, како што вели Стефановски , уште со поднасловот се појаснува дека тоа е роман од сеќавања, односно дека претставува еден вид автобиографско документаристичка проза. Книгата е во издание на „Ад Вербум“ од Скопје“.
Низ дејствие поместено во педесет и четири поглавја, на близу петстотини страници, авторот со една акрибична постапка притоа запазувајќи и хронолошки редослед, на умешен начин се навраќа на личните искуства од „влегувањето во светот на писателите и на книгите“, па сѐ до т.н. трета доба, односно до пензионерските денови кога, како што е наведено во воведот на овој своевиден рома од сеќавања, раката на писателот „иако неволно, некако сама тргнува да ја стави завршната точка“. Притоа, на почетокот од заборав се извлекуваат некогашните книжевни манифестации како „Поетски збор“ „Мајски средби на млади литерати“, но и Струшките вечери на поезијата заедно со „Млада Струга“, кои се одржуваа во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век со што се прави некој вид бришење на правта напластена врз веќе подзаборавената слика од книжевното минато во нашата средина. Со едноставен стил и јазик својствен на автор кој што си го знае занаетот М. Стефановски успеал наново да фрли сноп светлина на сите тие книжевни настани, вклучувајќи ги и активностите на Друштвото на писателите на Македонија, благодарение на кои од младите литературни творци подоцна се произведени и значајни македонски писателски имиња. Таков е случајот, на пример, со писателите Д. Башевски, Т. Чаловски, А. Вангелов, К. Ќулавкова, Р. Лазаров, Р. Силјан, В. Смилевски, Б. Цветкоски и уште неколкумина покрај нив и, секако, заедно со нив и авторот на „Тишина што сака да викне“. Паралелно со овој ракав на наративниот тек Стефановски, низ интересни анегдотски случувања, некои од нив за првпат се објавуваат, на еден веристички начин, го сместува и значењето и влијанието на тогаш веќе етаблираните и авторитетни писатели кои во тоа време биле во зенитот на својата творечка моќ и со својот индивидуален влог не само што активно учествувале во клучните настани и процеси на книжевен план туку остварувале и силно влијание врз нив, но и врз општествените случувања и промени. Тука, пред сѐ, треба да се споменат писателите Б. Конески, М. Матевски, Г. Тодоровски, А. Поповски, Д. Солев, П. М. Андреевски, П. Т. Бошковски и уште многу други, сите на свој начин вградени во темелите на современата македонска книжевност.
Во рецензијата кон овој роман од сеќавања кој претставува вистинско освежување на нашата актуелна книжевна сцена, писателот Љупчо Силјановски, меѓу другото, наведува дека „за реализирање на ваков книжевен потфат била неопходна и архивска потпора со оригинални документи, фотографии и факсимили со одгласи за тие настани, пред сѐ, во печатените медиуми кои се објавени на страниците на оваа книга која секако ќе побуди интерес кај читателите. Се чини дека токму тоа му успеало на М. Стефановски кој со Тишина што сака да викне овој пат ни се претставува како автор на еден вид неореалистичен роман во кој сите опишани настани и сите споменати личности се вистински, односно се земени од реалниот живот. дма/
Фото:Илустрација