• сабота, 22 февруари 2025

Извештај: Бугарија спроведе само седум од 28-те антикорупциски препораки на Советот на Европа

Извештај: Бугарија спроведе само седум од 28-те антикорупциски препораки на Советот на Европа

Софија, 6 февруари 2025 (МИА) - Бугарија целосно спровела само седум од 28-те препораки на Групата држави против корупцијата (GRECO) при Советот на Европа, се наведува во првиот извештај за усогласеноста на земјата со препораките дадени пред три години за спречување на корупцијата и зајакнување на интегритетот во власта и полицијата.

Според извештајот, 11 препораки се делумно спроведени, а 10 остануваат неисполнети, пренесува БТА.

Иако се преземени законски и политички реформи, тие сè уште не дале конкретни резултати. Во извештајот се посочува дека се планираат измени во работата на Националниот совет за борба против корупцијата и во изборната постапка за членовите на Антикорупциската комисија.

GRECO истакнува дека податоците за членовите на политичките кабинети, нивните позиции и примања сè уште не се јавно достапни. Се препорачуваат подобрувања во транспарентноста и јавните консултации за владините правни акти.

Во однос на полицијата, забележан е напредок во зголемување на претставеноста на жените, подобрување на платите на пониските полициски чинови и воспоставување етички комисии. Воведени се построги правила за донации и спонзорства, а полициските службеници се обврзани да пријавуваат случаи поврзани со корупција.

Законот од 2023 година за заштита на свиркачите е позитивен чекор, но GRECO повикува на негово поефикасно спроведување. Се бараат и ригорозни проверки на интегритетот на полициските службеници при вработување и во текот на кариерата. ссм/

фото: архива

Остани поврзан