Започна реконструкцијата на локалниот пат Умлена – Робово
- Започна реализацијата на еден од најбараните инфраструктурни проекти од страна на жителите на Пехчевскиот регион „Реконструкција и рехабилитација на локалниот пат Умлена – Робово“. Овој патен правец, кој долги години беше во лоша состојба и создаваше проблеми за секојдневното движење на жителите, конечно добива нов лик. Со реконструкцијата се очекува значително да се подобрат условите за сообраќај, безбедноста и пристапноста меѓу двете населени места, кои претставуваат важна врска во локалната патна мрежа на Општина Пехчево.
Пехчево, 12 ноември 2025 (МИА) - Започна реализацијата на еден од најбараните инфраструктурни проекти од страна на жителите на Пехчевскиот регион „Реконструкција и рехабилитација на локалниот пат Умлена – Робово“. Овој патен правец, кој долги години беше во лоша состојба и создаваше проблеми за секојдневното движење на жителите, конечно добива нов лик. Со реконструкцијата се очекува значително да се подобрат условите за сообраќај, безбедноста и пристапноста меѓу двете населени места, кои претставуваат важна врска во локалната патна мрежа на Општина Пехчево.
Според информациите од Општина Пехчево, проектот се реализира со финансиска поддршка од Владата на Република Македонија, преку Програмата за подобрување на локалната патна инфраструктура.
–Овој проект е од огромно значење за жителите на селата Умлена и Робово, но и за сите кои секојдневно го користат овој патен правец. Со подобрување на инфраструктурата се овозможува побрза комуникација, полесен пристап до земјоделските површини и услуги, како и нови можности за развој на руралните средини, велат од Општината.
Во рамки на проектот ќе се изврши целосна санација и асфалтирање на патната траса, поставување на нови рабници, уредување на банкини, како и реконструкција на дел од водоодводниот систем за одведување на атмосферските води.
–Работиме во партнерство со Владата на Република Македонија за подобра иднина на сите наши сограѓани. Веруваме дека инвестициите во инфраструктурата се основа за понатамошен економски и општествен развој на нашата општина, се наведува во соопштението на Општина Пехчево.
Воедно, локалните власти апелираат до сите граѓани и возачи кои се движат по овој патен правец да бидат внимателни и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, бидејќи градежните работи сè уште се во тек.
Реконструкцијата на патот Умлена – Робово претставува дел од пошироките напори на Општина Пехчево за подобрување на локалната инфраструктура и создавање посовремени услови за живот во сите населени места на општината. вс/вј/
Фото: МИА