Започна Регионалниот форум „Од политика до импакт: Унапредување на интегритетот и институционалните реформи во Западен Балкан“
- Во Скопје почна регионалниот форум „Од политика до импакт: Унапредување на интегритетот и институционалните реформи во Западен Балкан“, кој се очекува да донесе нови заложби, продлабочена координација меѓу земјите од регионот и напредни пристапи во борбата против корупцијата, вклучително и користење на технологија и вештачка интелигенција.
Скопје, 10 декември 2025 (МИА) - Во Скопје почна регионалниот форум „Од политика до импакт: Унапредување на интегритетот и институционалните реформи во Западен Балкан“, кој се очекува да донесе нови заложби, продлабочена координација меѓу земјите од регионот и напредни пристапи во борбата против корупцијата, вклучително и користење на технологија и вештачка интелигенција.
Меѓу другите, на настанот обраќања имаа и собранискиот претседател Африм Гаши и заменик-претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи.
-Кога зборуваме за европска интеграција, сакам да потсетам на еден факт што често го нагласувам. Интеграцијата не се забрзува со изјави, ниту пак се попречува од нив. Таа зависи од нашата искрена посветеност кон реформите. Она што ЕУ го бара, не е само усогласување на законите. Таа бара усогласување на вредностите, а вредностите не се увезуваат туку се градат. Секој ден. Не треба да се стремиме кон интеграција за да воспоставиме европски вредности. Туку, напротив, треба да воспоставиме европски вредности за да ја заслужиме интеграцијата. Затоа многу е важно да разбереме дека нашите реформи не му се потребни на Брисел, туку ни се потребни нам, подвлече Гаши.
Вицепремиерот Фетаи во изјава за медиумите истакна дека денешниот форум во Скопје кој следи еден ден по одбележувањето на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата, го организира Владата со помош на нејзините партнери Швајцарија и Шведска, како и ЕУ и УНОПС, и НВО секторот, и е посветена на борбата против корупцијата и координирање на следните чекори.
-На крајот на конференцијата ние ќе усвоиме делкарација - Скопска декларација, која ќе биде основа за понатамошните конференции. Целта е оваа конференција да се организира секоја година. Наредната година ние ќе знаеме до каде сме, дали сме успеале или сме потфрлиле во некои области. Значи главна цел е оваа конференција да биде регионална и да се одржува секоја година. Сакаме да покажеме дека Владата навистина вложува напори во борба против корупцијата, и дека тоа не е само празно предизборно ветување. Наша главна цел е да бидеме фактор на Балканот во однос на оваа тема - борбата против корупцијата, рече Фетаи.
Предвидено е форумот да опфати четири панел-дискусии посветени на регионалните перспективи и координираната меѓународна поддршка за промоција на доброто владеење, зголемување на отчетноста и преточување на политиките во мерливи резултати, потоа - паметно управување, дигитални алатки и вештачка интелигенција во борбата против корупцијата, како и координација меѓу институциите на отчетност и улогата на граѓанското општество и истражувачкото новинарство.
Регионалниот форум „Од политика до влијание: Унапредување на интегритетот и институционалните реформи на Западен Балкан“ ќе ги собере министрите за правда, раководители на антикорупциски институции, претставници на граѓанското општество, медиумите и меѓународните организации од целиот Западен Балкан.
На крајот од настанот, најавено е учесниците да усвојат заедничка декларација за заложби за интегритет, антикорупциски напори и регионална соработка на Западен Балкан. бд/вг/
Фото: МИА