Заменик-министерот Исени на Неформалната платформа за намалување на ризици од катастрофи: „Потребни се силна превенција, брза реакција и меѓународно партнерство“
- Заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени денеска учествуваше на петтиот состанок на Неформалната платформа за намалување на ризици од катастрофи што се одржа во Владата на Република Северна Македонија, на кој присуствувале амбасадорот на Австрија Н.Е. Мартин Памер, постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан, амбасадори и претставници на меѓународните организации.
Скопје, 3 декември 2025 (МИА) - Заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени денеска учествуваше на петтиот состанок на Неформалната платформа за намалување на ризици од катастрофи што се одржа во Владата на Република Северна Македонија, на кој присуствувале амбасадорот на Австрија Н.Е. Мартин Памер, постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан, амбасадори и претставници на меѓународните организации.
Во своето обраќање, Исени нагласил дека Министерството за внатрешни работи го смета учеството во платформата како важна одговорност и можност за унапредување на националните капацитети во управувањето со ризици. Тој потенцирал дека климатските фактори, технолошките промени, сајбер предизвиците и хибридните закани бараат координиран и модерен систем на делување.
Исени посочил дека изминатата година државата се соочи со сериозни пожари, како и трагедијата во Кочани која уште еднаш ја потврдила потребата од брза и сигурна институционална реакција. Притоа, ја нагласил важноста од зајакнување на превентивните механизми, подобрување на оперативните капацитети и вложување во човечки и технички ресурси.

Како позитивен пример за меѓународна соработка го истакнал учеството на Северна Македонија во Европскиот механизам за цивилна заштита – UCPM, преку кој државата доби значајна помош во справување со пожарите. Дополнително информирал дека е во тек модификација на над 40 специјализирани возила на армијата и полицијата за гаснење пожари на тешко достапни терени.
-Министерството за внатрешни работи останува целосно отворено за предлози, поддршка и техничка помош кои ја унапредуваат ефикасноста, транспарентноста и современиот пристап во системот за намалување на ризици од катастрофи, истакнал Исени. Тој додал дека само со обединети напори и стабилни партнерства државата може да изгради систем кој ќе биде пример во регионот.
На крајот, заменик-министерот упатил благодарност до меѓународните партнери за континуираната поддршка и ја изразил подготвеноста на МВР за уште поинтензивна соработка во наредниот период. фф/нд/
Фото: МВР