• сабота, 16 мај 2026

Заврши еколошката акција ,,Генералка викенд" во Делчево

Заврши еколошката акција ,,Генералка викенд

Делчево, 11 мај 2026 (МИА) - Со масовно учество на институции, ученици и граѓани, денеска во Делчево се реализираше еколошката акција „Генералка викенд“, како дел од една од најголемите национални иницијативи за пролетно чистење.

Акцијата, која финишираше денес се одвиваше на повеќе локации во градот, вклучително и централното градско подрачје, булевар „Македонија“, улицата „Светозар Марковиќ“, како и на Граничниот премин Делчево, каде чистењето се спроведуваше со поддршка на Царинската управа и Регионалниот центар за гранични работи. Паралелно, беа расчистувани и повеќе диви депонии, а се уредуваа и дворовите на училиштата.

Во акцијата активно се вклучија Јавното комунално претпријатие „Брегалница“, вработени во општинската администрација, припадници на Граничната полиција и Царинската управа, ученици од образовните институции, волонтери од Црвениот крст, како и претставници од месните и урбаните заедници, граѓанскиот сектор и други субјекти.

-Се чистеа повеќе локации, вклучени се повеќе институции, како Јавното комунално претпријатие „Брегалница", ученици од училиштата и волонтери од Црвениот крст. Се чистеше и на граничниот премин од страна на Царинската управа и Регионалниот центар за гранични работи. Се работеше на булевар Македонија, улицата Светозар Марковиќ, како и во дворовите на училиштата. Се надеваме дека, ако ништо друго, ќе придонесеме граѓаните да си ги чистат дворовите и околината и да придонесат за почиста средина- изјави Татјана Стојковска од Општина Делчево.

Од локалната самоуправа претходно упатија повик до граѓаните со сопствен пример да се вклучат во акцијата преку чистење на тротоарите и пристапите до своите домови, со цел подигнување на јавната свест за заштита на животната средина.

„Генералка викенд“ е национална акција за чистење и селектирање отпад која се одржува секој втор викенд од мај од 2021 година, а предвидено е да трае до 2031 година. Целта, како што посочуваат организаторите, е преку заеднички ангажман „да се исчисти земјата од отпадот на минатото и да се рециклира во зелена иднина за идните генерации“. вс/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан