• сабота, 22 февруари 2025

Ел Ануни: Не треба да има присилно иселување на Палестинците од Газа 

Ел Ануни: Не треба да има присилно иселување на Палестинците од Газа 

Брисел, 6 февруари 2025 (МИА) - Газа е суштински дел од идната палестинска држава и не би требало да има никакво присилно раселување на Палестинците од ова подрачје, изјави портпаролот на Европската Комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни во врска со идејата на американскиот претседател Доналд Трамп за преселување на жителите на Појасот во соседните земји. 

- Го нотиравме коментарот на претседателот Трамп. Европската Унија останува целосно посветена на решението за две држави, кое веруваме дека е единствениот пат кон долготраен мир и за Израелците и за Палестинците. Да бидеме јасни - Газа е суштински дел од идната палестинска држава, додаде Ел Ануни.  

Тој додаде дека Израелците и Палестинците сакаат мир и затоа договорот за прекин на огнот претставува позитивен развој на настаните, но сега останува да биде преземен следниот чекор кон траен прекин на непријателствата и воспоставување мир и стабилноста во регионот.  

Во однос на најавите на САД за прекин на финансирањето на неколку тела на ОН, меѓу кои и на Агенцијата за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие изјави дека ЕУ нема да ги коментира ваквите најави, нагласувајќи дека Унијата ќе продолжи со финансиската и политичката поддршка на Агенцијата во исполнување на нејзиниот мандат. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан