• сабота, 22 февруари 2025

Ел Ануни: ЕУ засега нема одлука за прогласување на Хутите за терористичка организација 

Ел Ануни: ЕУ засега нема одлука за прогласување на Хутите за терористичка организација 

Брисел, 23 јануари 2025 (МИА) - Европска Унија го нотира прогласувањето на јеменското движење Поддржувачи на Алах, познати под името Хути, за странска терористичка организација од страна на САД, но во оваа фаза нема таква одлука од ЕУ, изјави портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни. 

 - За нашиот режим на санкции, односно за т.н. „терористичка листа“, потребна е едногласна одлука на Советот на ЕУ. Тоа е се што можам да кажам за ова прашање во оваа фаза, рече Ел Ануни, во одговор на прашањето дали ЕУ планира да го следи примерот на САД и да ги прогласи Хутите за терористичка организација. 

Тој додаде дека ЕУ ги спроведува санкциите во врска со Јемен воведени од ОН и со нив се опфатени 120 команданти и други истакната личности и е воведено ембарго за извоз на оружје. 

- ЕУ нема автономен режим на санкции за Јемен, нагласи Ел Ануни. 

Портпаролот на ЕК истакна и дека ЕУ го поздравува ослободувањето на екипажот на бродот „Галакси лидер“, меѓу кои има и државјани на ЕУ, вклучително и Бугари и Романци, кои беа киднапирани од Хутите во Црвеното Море пред повеќе од една година. 

- Тоа навистина претставува олеснување за семејствата и придонесува за потребната деескалација во Црвеното Море. Ја изразуваме нашата длабока благодарност на Оман за посредувањето во ослободувањето, додаде Ел Ануни. 

Тој потенцира дека ЕУ постојано повикува на итно и безусловно ослободување на сите лица киднапирани од Хутите и ќе продолжи да ги поддржуваме напорите за обезбедување одржлив мир во регионот на Црвеното Море. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан