• петок, 06 март 2026

ДУИ: Отстранувањето на врската со Албанија од Коридорот 8 ќе го уништи самиот Коридор

ДУИ: Отстранувањето на врската со Албанија од Коридорот 8 ќе го уништи самиот Коридор

Скопје, 6 март 2026

Пред неколку дена министерот за транспорт јавно изјави дека делницата Требеништа – Струга – Ќафасан, како дел од Коридорот 8, може да биде исклучена од проектот, повикувајќи се на ограничувања поврзани со УНЕСКО. Оваа изјава е алармантна и неприфатлива. Коридорот 8 не е локален инфраструктурен проект. Тоа е стратешки коридор кој ги поврзува Јадранското и Црното Море, обединувајќи ги Италија, Албанија, Северна Македонија и Бугарија во една економска и геополитичка оска. Делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е составен дел од овој коридор и дел од одобрениот план и постојните договори. Отстранувањето на оваа делница не е само техничка промена. Тоа значи нарушување на самата логика и функција на Коридорот 8, се вели во соопштението од ДУИ што МИА го пренесува интегрално.

Без оваа делница се прекинува природната врска на коридорот меѓу Јадранот и источниот дел на Балканот.

Ова не е само инфраструктурно прашање.

Ова е и геостратешко прашање.

Коридорот 8 е еден од проектите што ја зајакнуваат врската исток–запад на јужното крило на НАТО.

Слабеењето на овој коридор отвора простор за промоција на оска север–југ, што се совпаѓа со инфраструктурни проекти кои во регионот се промовираат од други геополитички актери.

И добро знаеме дека зад таквата ориентација често стојат проекти поврзани со Србија, како и со интересите на Кина и Русија во регионот.

Затоа секој обид за слабеење на Коридорот 8 мора да се гледа со најголема сериозност.

Вчера во Струга беше заменик-министерката за транспорт, Калтина Зеколи.

Таа промовираше други проекти, но не кажа ниту еден збор за изјавата на својот министер.

Ниту реакција.

Ниту појаснување.

Ниту став.

Министерот најавува можност Струга да биде исклучена од Коридорот 8, а заменик-министерката Албанка молчи.

Но не молчи само заменик-министерката.

Молчи и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, кој наместо да го брани интересот на градот што го води, станува алиби за оваа ситуација.

Затоа денес поставуваме неколку директни прашања:

Дали Владата планира да ја отстрани делницата Требеништа – Струга – Ќафасан од Коридорот 8?

Дали затоа министерот јавно ја најави оваа можност?

И зошто заменик-министерката Калтина Зеколи и градоначалникот на Струга не кажаа ниту еден збор за ова прашање?

Граѓаните заслужуваат јасни одговори.

Коридорот 8 е стратешки државен и меѓународен проект.

Тој не може да се менува со случајни изјави или со политички калкулации.

Секој обид Струга да биде исклучена од овој коридор е неприфатлив.

Бараме од Министерството за транспорт и од Владата веднаш да разјаснат дали делницата Требеништа – Струга – Ќафасан останува дел од Коридорот 8.

Зашто слабеењето на овој коридор не ја оштетува само Струга.

Тоа ја поткопува и стратешката улога на Северна Македонија во врската Јадранско – Црно Море и во безбедносната архитектура на НАТО во регионот.

И тоа е нешто што не може да се прифати.

ДУИ

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан