• петок, 17 април 2026

Јавен повик во Македонска Каменица за формирање заедници на сопственици во станбените згради

Јавен повик во Македонска Каменица за формирање заедници на сопственици во станбените згради

Македонска Каменица, 27 март 2026 (МИА) – Општина Македонска Каменица објави јавен повик со кој ги повикува сите сопственици на станови во колективни станбени објекти да пристапат кон формирање заедници на сопственици како правни лица или управувањето да го доверат на лиценцирани управители, согласно важечката законска регулатива.

Со повикот се потенцира дека заедницата на сопственици претставува правно лице кое ги застапува интересите на станарите, управува со заедничките делови на зградата и носи одлуки во име на сите сопственици. Ваквата форма на организирање, како што наведуваат од Општината, овозможува и аплицирање на јавни повици и користење различни видови субвенции.

Паралелно, како алтернатива, се нуди и ангажирање лиценцирани управители на станбени објекти, кои се правни субјекти задолжени за одржување на зградите, постапување согласно одлуките на станарите и нивно застапување пред надлежните институции.

Повикот се однесува на сите сопственици во колективни згради кои досега немаат формирано заедница на сопственици или немаат ангажирано управител.

Целта на иницијативата е да се подобри управувањето со станбените објекти, да се овозможи организирано носење одлуки за тековно одржување и инвестиции, како и да се создадат услови за користење општински субвенции, особено во делот на енергетската ефикасност, кои ќе бидат предмет на посебен јавен повик.

Од Општината информираат дека ќе започнат со воспоставување Регистар на заедници на сопственици, при што само регистрираните заедници или објекти со ангажирани лиценцирани управители ќе можат да ги користат мерките и поддршките што ќе се реализираат на територијата на општината. вс/дма/

Фото: Општина Македонска Каменица
 
 
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан