Државното стручно училиште „Коле Неделковски“ во Велес одбележа 60 години постоење
- Државното средно училиште Регионален центар за стручно образование „Коле Неделковски“ од Велес денеска со свеченост го заокружи одбележувањето на јубилејот 60 години успешна работа.
Велес, 18.декември 2025 (МИА) – Државното средно училиште Регионален центар за стручно образование „Коле Неделковски“ од Велес денеска со свеченост го заокружи одбележувањето на јубилејот 60 години успешна работа.
На настанот беа доделени награди и признанија на поранешни професори и ученици првенци и наградите по распишаниот литературен и ликовен конкурс за основци и средношколци.
„Коле Неделковски“ е водечко државно средно стручно училиште за Повардарието, во кое се школуваат 980 ученици од Велес и поширокиот регион, во четири струки: машинска, електротехничка, угостителско-туристичка и сообраќајна.
Со поддрпша од МОН, во училиштетсо веќе неколку години се отворени дуални паралелки во кои учениците имаат практична обука во велешки фирми со можност таму и да се вработат.

Како што информираше за МИА Горан Богоевски, директор на училиштето, тоа постои уште пред неговата верификација како вечерно занаетчиско училиште, а после војната, во 1950 година, училиштето прераснува во УЗУС - училиште за ученици во стопанството - се до 1965 година кога со одлука на тогашното собрание на Општина Титов Велес прераснува во Средно стручно општинско училиште. Како занаетчиско училиште било на друга локација - во простории на сегашното ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во Велес.
Училиштето било наменето за остручување ученици кои потоа ќе работат во стопанството, особено во тогаш развиената метална, керамичка и текстилна струка во Велес. Денес „Коле Неделковски“ прерасна во Државно средно училиште Регионален центар за стучно образование и обука.
По повод јубилејот, сегашни ученици снимија и документарен филм „60 години техничко образование - патоказ кон знаењето“ во кој е прикажан развојот на училиштето, како и сведоштва на негови професори и ученици, меѓу кои се и актуелниот градоначалник Марко Колев, пратеникот Игор Здравковски, бизнисменот Златко Љутков и македонскиот репрезентативец - фудбалерот Панче Ќумбев.
Во рамките на прославата за јубилејот, се одржаа многу едукативни работилници, спортски, ликовни и литературни натпревари за основци и средношколци и најдобрите ученици на конкурсите денеска ги добија наградите. ад/хс/
Фото: МИА