Владата апсолутно ништо не прави по однос на евроинтегративниот процес, вели Филипче
- Не гледаме никаква активност во тој дел од МНР. Некои посети на Австралија, кои што немаат никаква врска со најважната тема во овој момент за државата, а тоа е европската иднина. Не знам што е планот и идејата, се надевам дека имаат некаков план и нешто се работи, макар и зад кулисите, изјави Филипче.

Скопје, 13 февруари 2025 (МИА) – Сметам дека државата во овој момент е целосно заглавена. Владата апсолутно ништо не прави по однос на евроинтегративниот процес, дојдоа на власт со помпезна најава дека ќе ја менуваат Преговарачката рамка, гледаме дека очигледно тоа не се случува, изјави лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Она што загрижува, според Филипче, е влошувањето на односите со соседите, што, како што нагласи, не е во духот на Европа и добрите меѓусоседски односи.
- Не гледаме никаква активност во тој дел од МНР. Некои посети на Австралија, кои што немаат никаква врска со најважната тема во овој момент за државата, а тоа е европската иднина. Не знам што е планот и идејата, се надевам дека имаат некаков план и нешто се работи, макар и зад кулисите, изјави Филипче.
Потсети дека побаравме собраниска средба за претставниците на Владата и МНР да кажат што се работи и дали имаат поддршка за тоа.
- За жал, на тоа поле ништо во овој момент не се случува и повторно ќе кажам ќе го поддржиме било кој подобрен предлог, којшто Владата ќе го изработи. Ние направивме се, повеќе од тоа не можевме да испреговараме, меѓутоа мислам дека тоа треба да се случи час поскоро, поради тоа што времето едноставно минува, земјите кои преговараат од соседството одат напред. Албанија сериозно оди напред, Црна Гора, исто така, а ние тапкаме во место, рече Филипче.
Сериозно доцнење, според него, има и во реформската агенда, кои што значат приближување на нашето со европското законодавство, а се врзани и со финансии. - За две недели повторно ќе организираме средба на Советот за евроинтеграции во Собранието, на којшто ќе ги повикаме министрите од соодветните ресори согласно временската рамка што им е дадена да реферираат до каде се со завршувањето на тие обврски, изјави Филипче. аа/бак/
Фото: МИА архива