• сабота, 13 декември 2025

Димитријевиќ: СДСМ води и очекува победа во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, регистрирани нарушувања, ќе поднесеме пријави

Димитријевиќ: СДСМ води и очекува победа во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, регистрирани нарушувања, ќе поднесеме пријави

Скопје, 19 октомври 2025 (МИА) - СДСМ води и очекуваме победа во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново Облешево, Кривогаштани, Богданци, изјави на прес-конференција во седиштето на партијата генералниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитријевиќ.

- Од досега пристигнати резултати, СДСМ води и очекуваме победа во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново Облешево,.Кривогаштани, Богданци. Тесна битка е во Неготино, Валандово, Македонска Каменица, Ранковце. Водиме и во Дојран и Лозово, но веројатно ќе има втор круг. Како пристигнуваат резултатите ќе информираме, рече Димитријевиќ.

Според него, во секоја општинска организација имаат подобар резултат во споредба со минатите парламентарни избори.

Тој истакна дека генерално изборниот ден поминал мирно, но констатирале и бројни прекршувања на изборниот процес, како злоупотреба на избирачкиот список, обиди за изборен поткуп, директни закани и уцени, кршење на изборниот молк преку агитирање, како и нерегуларности при самото гласање.

- Во Лозово, на пример, е спречен обид за поткуп, документиран и од страна на МВР. Обиди за поткуп има и во други места кои сега се документираат. Во Куманово и во Ѓорче Петров имало случаи повеќе ливчиња да му дадат на еден гласач. Во Ѓорче пет ливчиња дадени од претседателка на ИО на својот сопруг. Во Студеничани (ИМ 2349/1 и 2353), членови на ИО истовремено биле и на советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ. Во Прилеп и Крива Паланка регистрирани се притисоци и закани кон активисти и кандидати на СДСМ, рече Димитријевиќ.

Тој додаде дека во Неготино е констатирано дека кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ користи општински објект за потребите на кампањата. Во Богданци, раководител на ОВР Гевгелија, во возило на ЈП „Национални шуми“ агитирале за ВМРО-ДПМНЕ.

- Веќе реагиравме и за тоа што починати лица се најдоа на избирачкиот список, дури и на советничка листа на коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Командири и началници на полицијата беа дел од активностите на ДПМНЕ на терен за време на кмапањата. Во Зелениково и Кратово роднини на кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ биле назначени и во општинските изборни комисии. Во Охрид, Крива Паланка и Прилеп, партиските штабови на ДПМНЕ биле активни и агитирале за време на молк. Во Градско - закани од кандидатот Киро Нацков кон членови на одборите, додека во Јегуновце - злоупотреба на лични податоци за гласање на болни и немоќни, рече Димитријевиќ.

Тој потсети дека денеска имало известувања за неколку случаи на попречување на работа на новинарските екипи, во Карпош, Охрид и Тетово.

- Овие настани бараат итна реакција од ДИК, Јавното обвинителство, МВР за да се обезбеди одговорност, да се заштити слободната волја на граѓаните и да се гарантираат фер и демократски избори, посочи тој.

Димитријевиќ истакна дека правниот тим на СДСМ подготвува соодветни пријави и поднесоци до надлежните институции. нд/паг/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан