Депонијата „Краста“ во кумановско, сè уште чади, „Чистота и Зеленило“ бара помош во механизација
- Депонијата „Краста“ над Куманово сè уште чади, а екипите на ЈП „Чистота и Зеленило“ интензивно работат на нејзино санирање, информира директорот Сашо Томиќ. Според него, силниот ветер дополнително го разгорел пожарот, а поради големината на просторот и појавата на метан на различни места, санацијата е отежната.
Куманово, 13 август 2026 (МИА) - Депонијата „Краста“ во Куманово сè уште не е целосно изгасната и чадењето продолжува, откако вчера избувна пожар. Екипите на ЈП „Чистота и Зеленило“ работат на нејзино санирање.
Во денешната изјава за медиумите, директорот на претпријатието Сашо Томиќ потенцираше дека станува збор за хроничен и долгогодишен проблем за чие надминување се потребни дополнителна механизација и помош од надлежните институции.
-Депонијата сè уште чади, работиме интензивно. Тоа е хроничен, познат проблем. Се обратив до сите релевантни институции во државата, до Владата, Општината и Центарот за управување со кризи и бараме помош во опрема- изјави Томиќ.

Во моментов, според него, на терен се работи со една изнајмена машина од приватна компанија, која е постара, како и со една машина на претпријатието. На делови од депонијата се нанесува земја со цел да се спречи понатамошното ширење на чадот и огнот. Томиќ посочува дека вчерашниот ветер дополнително ја влошил состојбата, бидејќи разгорел делови од депонијата кои претходно биле санирани.
-Добар дел од депонијата што имаше проблем е саниран, меѓутоа и утрово, а и во моментот, сè уште дими. Станува збор за голем простор, каде што има чадење на различни места. Како што ги санираме едните места, на други се појавува проблем, поради излегувањето на метан- вели Томиќ.

Од претпријатието велат дека секојдневно се носи земја, вклучително и од приватни компании, но дека за посериозна и целосна санација се потребни дополнителни градежни машини.
-Потребни ни се градежни машини, булдожери и дополнителна механизација. Земја имаме и ја носиме од приватни компании, секојдневно нанесуваме слој земја. На одреден дел имаме и забелешка од државните инспектори за животна средина и се трудиме таа забелешка да ја исправиме и коригираме - посочува Томиќ.
Тој оценува дека проблемот со депонијата „Краста“ е голем и сеопфатен и ги надминува можностите со кои располага јавното претпријатие. Екипите на ЈП „Чистота и Зеленило“ продолжуваат со нанесување земја и локализирање на жариштата, но чадењето од депонијата сè уште е присутно. ам/нд/
Фото: МИА и социјални мрежи