Дваесет и петгодишнина од билингвална паралелка во кумановската гимназија „Гоце Делчев”
- -Голема чест за мене е одбележувањето на 25 годишниот јубилеј од функционирањето на француската билингвална паралелка. Јубилејот сведочи за упорност, континуитет и посветеност на образованието на младите генерации во Куманово. Овие паралелки бројат 29 ученици од различни основни училишта, што укажува на важноста, угледот, довербата, што програмата ја ужива помеѓу учениците и родителите, рече во обраќањето амбасадорот.
Куманово, 18 декември 2025 (МИА) - Амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, денеска присуствуваше на свечен настан во Куманово по повод 25 години од двојазичната настава во гимназијата „Гоце Делчев“ Куманово. На настанот во НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ се обрати амбасадорот и директорката на Гимназијата Марија Тодоровска, кои го изрази задоволството од 25 – те години исполнети со успеси и нови перспективи за иднината на двојазичното образование.
-Голема чест за мене е одбележувањето на 25 годишниот јубилеј од функционирањето на француската билингвална паралелка. Јубилејот сведочи за упорност, континуитет и посветеност на образованието на младите генерации во Куманово. Овие паралелки бројат 29 ученици од различни основни училишта, што укажува на важноста, угледот, довербата, што програмата ја ужива помеѓу учениците и родителите, рече во обраќањето амбасадорот.
Тој истакна дека билингвалното образование е столб на успехот, повеќе предмети се изучуваат на француски јазик, укажувајќи дека тимот наставници со години вложува труд во својата обука. Во обраќањето амбасадорот се задржа и на соработката на кумановската гимназија со две училишта од Франција преку која учениците се запознаваат меѓу себе, негувајќи европски вредности. Воедно, кажа дека амбициите и мотивацијата на учениците е доказ за „силата на паралелките“. Тој се заблагодари на сите чинители кои ја поддржуваат идејата и кажа дека амбасадата и институтот остануваат силни поддржувачи, најавувајќи дека гимназијата ќе добие бренд за квалитет во наставата која го издава тамошното Министерство.
Директорката на гимназијата, Марија Тодоровска во обраќањето рече дека јубилејот на постоењето се совпаѓа со друг јубилеј 80 годишно постоење на гимназијата.
-Куманово е град со традиција на изучување на францускиот јазик и од 2000/01 година почува со работа билингвалната паралелка од иницијатива на францускиот институт и амбасадата, рече Тодоровска.
Таа наведе дека паралелката има бројни успеси на домашно и меѓународно ниво. Учениците можат да го продолжат образованието во Франција и франкофонски земји.
На настанот присуствуваше и професорката по француски јазик Добрила Почуча како координатор на овој значаен проект инициран од Францускиот институт, поддржан од Амбасадата на Франција, го потенцираше макотрпниот пат на образование во овие паралелки, преку секојдневен ангажман на професорите и учениците. Присутните гости проследија видеопрезентација, во која главни актери се ученици од Гимназијата, кои своето образование го продолжија на престижни факултети надвор од државата, споделувајќи ги своите искуства и успеси. Во рамките на културно – уметничката програма настапија ученици со песни и рецитали на француски јазик.
Претходно во општина Куманово градоначалникот Максим Димитриевски оствари средба со амбасадорот на Француската Република во Македонија, Кристоф Ле Риголер. Од општината наведуваат дека средбата е резултат на воспоставената стабилна основа за сериозна соработка помеѓу Општината и Амбасадата на Франција, која ќе донесе нови проекти и идеи за поквалитетен животен стандард на граѓаните.
-Општина Куманово ќе продолжи да иницира реални идеи за одржување на досегашната соработка преку соодветни решенија, согласно со надлежностите на двете страни, информираа од општината. ам/нд/
Фото: Општина Куманово