„Два света“ во Кран-Монтана: Помеѓу тагата за жртвите и продолжувањето на туристичката сезона
- Во изјава за Би-Би-Си, тој посочи дека во градот во моментов постојат „два света“ – едниот каде се жалат жртвите и другиот каде продолжуваат празничните активности.
Кран-Монтана, 2 јануари 2026 (МИА) - Директорот на туристичката организација на Кран-Монтана, Бруно Хуглер, изјави дека шокот во алпското одморалиште е сè уште многу длабок.
Во изјава за Би-Би-Си, тој посочи дека во градот во моментов постојат „два света“ – едниот каде се жалат жртвите и другиот каде продолжуваат празничните активности.
Властите се обидуваат да воспостават „атмосфера на почит“ за пријателите и роднините на настраданите, обезбедувајќи професионална помош за нив, додека истовремено им овозможуваат на останатите гости да го продолжат својот престој.
Кран-Монтана е исклучително интернационален центар, каде во овој период најбројни се Швајцарците (над 60%), но и гости од Франција, Британија, Белгија, Холандија и Германија.
Иако се потврдува дека меѓу исчезнатите има државјани на Франција и Италија, идентитетот на сите жртви сè уште не е утврден.
Пред барот „Констелејшн“, сликата е поделена: зад полициските ленти и форензичките шатори трае интензивна истрага, додека на другата страна граѓаните палат свеќи и оставаат стотици букети цвеќе со пораки за надеж.
Локалното население е во шок, бидејќи иако станува збор за светски познат центар, заедницата е тесно поврзана и речиси секој познава некого кој бил во барот кобната ноќ. ссм/ми/
фото: ЕПА