Дарко Ристовски нов претседател на огранокот на СДСМ во Куманово
- На локалните избори во Куманово ќе победиме, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче пред сопартијците во Занаетчиски дом на конференцијата за избор на претседател и тела на партијата на општинската организација на СДСМ во Куманово.

Куманово, 6 февруари 2025 (МИА) - На локалните избори во Куманово ќе победиме, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче пред сопартијците во Занаетчиски дом на конференцијата за избор на претседател и тела на партијата на општинската организација на СДСМ во Куманово.
Посочи дека лекциите се научени и дека се враќа енергијата во месните одбори, општинските организации. Воедно ги повика партиските тела да бидат отворени за граѓаните, да ги слушнат нивните проблеми и потреби бидејќи, како што рече, опозицијата мора да биде силна. Филипче апелираше до членовите на СДСМ да ја изберат активности наместо апатија, да ја направат СДСМ силна, што и е потребно и на државата.
- Без силна СДСМ државата нема да оди напред. Оваа власт на ВМРО - ДПМНЕ не ја интересира, ниту државата, ниту граѓаните, ниту платите, ниту стандардот едноставно се грижи само за своите теснопартиски интереси, за своите бизнис интереси и само за личните интереси. Ние тоа не смееме да го дозволиме, ваква незаинтересирана власт, ваква власт којашто ништо не прави којашто пуштаа работодавачи и работници сами да се договараат за платите којашто за првпат во историјата од 1991 година сама ги блокира евроинтеграциски процеси на земјата, а ние друга опција и друга иднина немаме само докажува дека не се грижи воопшто за државата, рече во обраќањето Филипче.
Тој додаде дека се извиниле за грешките од минатото на партиските членови, на јавноста и повика научените лекции да се имплементираат во работата. Филипче ги повика месните одбори да ги отворат вратите за граѓаните, да ги слушнат идеите на граѓаните, следниот чекор ќе биде креирање политики, обединување на партијата, враќање на членовите кои поради „клиентелистички причини“ отишле во друг политички субјект.
- Верувам дека во Куманово имаме сериозен шанса да бидеме победничка партија поради тоа што знаевме како се работи. Ние тоа го заслужуваме, најавувам интензивна работа, рече Филипче.
На средбата присуствуваа претставници од СДСМ, заменик-претседателката Фани Каранфиловска Пановска, координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски, организацискиот секретар Мартин Костовски.
За претседател на ОО на СДСМ е избран Дарко Ристовски, кој во говорот повика на партиско обединување. Тој истакнува дека од Куманово секогаш тргнувале промените што ќе биде импертив за враќање за успех на локалните избори по изборниот пораз и успех на локалните избори. Ристовски ја критикуваше работата на градоначалникот на Куманово, нагласувајќи дека очекува враќање на СДСМ на пиедесталот. На конференцијата беа избрани члнови на Извршен одбор и на Надзорен одбор. ам/дма/
Фото: МИА