• петок, 15 мај 2026

Гостиварските пожарникари ќе добиваат повисоки плати

Гостиварските пожарникари ќе добиваат повисоки плати

Гостивар, 10 април 2026 (МИА) – Со последните усогласувања, вработените во Територијалната противпожарната единица ќе добијат повисоки плати за 40 проценти, информираат од општина Гостивар. Зголемувањето на основната плата е во согласност со договорот за усогласување на платите потпишан меѓу пожарникарите и градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани.

Новините околу зголемувањето на платите беа соопштени на средбата на градоначалникот Лимани со пожарникарите при посетата на ТППЕ Гостивар.

- Според договорот, зголемувањето на основната плата се реализира преку систем на бодови и работни места, со што се зема предвид искуството и одговорноста на секој пожарникар. Ова претставува директно зголемување на месечните приходи, се наведува во денешното соопштение на службата за информирање на Општина Гостивар.

Потпишаниот договор предвидува и дополнително постепено зголемување од 21 процент, кое ќе се реализира во три фази, односно по седум проценти во наредните три години. Повисоките примања се опфатени и со измените во колективниот договор, кои вклучуваат и дополнителни 50 проценти додаток за работа во ден на неделен одмор и 5 проценти додаток за работа во смени.

- Овој договор претставува едно од најголемите унапредувања за оваа категорија работници во Гостивар. На овој начин значително се подобрува нивната благосостојба, со што ја потврдуваме институционалната посветеност за вреднување на нивната работа во служба на граѓаните, изјави градоначалникот Лимани.

Со овој договор во иднина на пожарникарите им се гарантира правото на надомест за прекувремена работа, во вид на исплата или слободни денови, согласно со важечките законски прописи.згм/лв/

фото: општина Гостивар

Остани поврзан