Главниот државен ревизор Ацевски се сретна со албанскиот колега Шеху
Тирана, 9 декември 2025 (МИА) - Главниот државен ревизор Максим Ацевски, придружуван од официјална делегација на институцијата, вчера во Тирана оствари средба со претседателот на Завод за државна ревизија на Албанија, Арбен Шеху.
Во делегацијата беа заменик-генералниот ревизор, Орхан Адеми, советникот Тања Јаневска и ревизорот Христина Дабеска.
За време на средбата, Шеху и Ацевски ја оценија досегашната соработка меѓу двете врховни ревизорски институции, нагласувајќи ја важноста од зајакнување на партнерството и професионалната размена.
-Покрај другото се согласивме дека паралелните ревизии остануваат една од најефикасните форми на соработка, бидејќи тие се занимаваат со теми со висока јавна чувствителност и директно влијанаат врз функционирањето на институциите и услугите за граѓаните, објави Шеху.
Додава дека претставниците на заводите за ревизија на двете земји ја изразиле посветеноста за продолжување на заедничките проекти и нивно проширување, со цел зголемување на транспарентноста и отчетноста во јавната администрација. вт/са/
Фото: Шеху ФБ