• сабота, 22 февруари 2025

Герапетритис по посетата на Сирија: Новите институции треба да бидат целосно усогласени со меѓународното и морското право

Герапетритис по посетата на Сирија: Новите институции треба да бидат целосно усогласени со меѓународното и морското право

Атина, 10 февруари 2025 (МИА) – Разговаравме за новите институции на Сирија по падот на авторитарниот режим на Асад. Институции, кои треба да се засноваат на владеење на правото, да бидат институции кои се инклузивни и толерантни и да бидат целосно усогласени со меѓународното право и особено, со правото на морето, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис за ЕРТ по неговата посета на Сирија, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија се сретна со преодниот претседател на Сирија Ахмед ал Шара и со министерот за надворешни работи Асад Ал Шајбани.

По разговорите, во изјава за државната телевизија посочи дека Грција е активно присутна во регионот, како членка на Советот за безбедност на ОН и силна членка на Европската унија, со особен интерес поради христијанското население во регионот.

- Како кредибилен соговорник на арапскиот свет, Грција ќе биде присутна за да обезбеди спокојство и просперитет во регионот, посочи Герапетритис.

Грчки дипломатски извори за државната агенција АНА-МПА посочиле дека шефот на дипломатијата е еден од првите министри за надворешни работи на земја-членка на ЕУ што ја посети Сирија, а на средбите Герапетритис ја повторил поддршката на Грција за единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.

Дополнително, укажал на потребата да се спроведе непречена политичка транзиција кон инклузивна Влада, од која не треба да биде исклучена ниту една етничка и верска заедница и истакнал дека овој процес му припаѓа на сирискиот народ без да има интервенции од надвор.

Герапетритис за утре закажа состанок на Националниот совет за надворешна политика за последните случувања на Блискиот Исток. ср/

Остани поврзан