Гвардиола: Натпреварите против Челси и Бриж се како финале за нас
- Трите нови засилувања на Манчестер Сити - Омар Мармуш, Витор Реиш и Абдукодир Хусанов се во групата за домашниот дуел со Челси, објави менаџерот на „граѓаните“ Пеп Гвардиола на прес-конференцијата пред натпреварот.

Манчестер, 24 јануари 2025 (МИА) - Трите нови засилувања на Манчестер Сити - Омар Мармуш, Витор Реиш и Абдукодир Хусанов се во групата за домашниот дуел со Челси, објави менаџерот на „граѓаните“ Пеп Гвардиола на прес-конференцијата пред натпреварот.
Ова е добра вест за шпанскиот тренер на англискиот шампион, кој нема да може да се потпре на крилниот напаѓач Џереми Доку и централниот дефанзивец Рубен Диаш, кои се повредени.
-Витор е млад играч со голем потенцијал, но му треба време. Ако е со нас во групата за натпреварот, тогаш има шанса да биде стартер. Хусанов веќе има искуство во францускиот шампионат, каде што мораше да се справи со силни и брзи играчи. Сепак, тој не зборува добро англиски и комуникацијата со него е нешто на што ќе треба да работиме. Мислам дека Мармуш најбрзо ќе се вклопи во тимот. Сепак, сите тројца ќе не направат посилни и ќе биде основата на тимот уште многу години, рече Гвардиола.
Манчестер Сити заостанува 12 бода зад лидерот во лигата Ливерпул, кој има и натпревар помалку.
Гвардиола не смета дека „граѓаните“ имаат шанси за титулата, но сигурен е дека тимот ќе се бори за место во топ 4.
-Натпреварот во сабота е многу важен. Сè уште сме многу блиску до врвот, и покрај големите проблеми што ги имавме. Така што оваа недела е многу, многу важна. Следните два натпревари (со Челси во ПЛ и Бриж во Лигата на шампионите) се како финале за нас, истакна Шпанецот. дс
Фото: Архива