Возниот парк во земјата стар 20 години, доминираат дизел-возилата, само еден отсто се хибридни и електрични
- Во последните десет години над 80 отсто од увезените автомобили се половни, а годинава на еден нов автомобил доаѓаат 3,5 половни. Истовремено, бројот на регистрирани возила е удвоен - од 350 илјади во 2012 на речиси 700 илјади во 2024, но и покрај тоа, просечната старост е зголемена на 19,4 години, што значи дека на патиштата се возат сè повеќе и сè постари автомобили. Во Скопје е регистрирано секое трето возило во земјата, со над 33 отсто од патничките и 38 отсто од товарните автомобили. Дизелот доминира со 63 отсто удел, бензинот паѓа на 26 отсто, а електричните и хибридните возила бележат брз раст - само лани +169 отсто за електрични и +295 отсто за хибридни автомобили.
Скопје, 8 јануари 2026 (МИА)
Александар АТАНАСОВ
Во последните десет години над 80 отсто од увезените автомобили се половни, а годинава на еден нов автомобил доаѓаат 3,5 половни. Истовремено, бројот на регистрирани возила е удвоен - од 350 илјади во 2012 на речиси 700 илјади во 2024, но и покрај тоа, просечната старост е зголемена на 19,4 години, што значи дека на патиштата се возат сè повеќе и сè постари автомобили.
Во Скопје е регистрирано секое трето возило во земјата, со над 33 отсто од патничките и 38 отсто од товарните автомобили. Дизелот доминира со 63 отсто удел, бензинот паѓа на 26 отсто, а електричните и хибридните возила бележат брз раст - само лани +169 отсто за електрични и +295 отсто за хибридни автомобили.
Ова го покажува анализата на МИА на податоците од Царинската управа и Државниот завод за статистика.
Над 80 проценти од увезените автомобили во последните десетина години се половни
Во земјата од почетокот на годинава досега, според податоците од Царинската управа, се увезени вкупно 62.069 возила, од кои 53.867 се патнички автомобили.
На еден увезен нов автомобил годинава во просек се увезени по 3,5 половни автомобили, односно за 11 месеци годинава увезени се вкупно 12.025 нови автомобили наспроти 41.842 половни автомобили.
Кај увозот на товарни моторни возила, годинава има повеќе увезени нови возила - 4.408 наспроти 3.502 половни, а нови автобуси и минибуси годинава се увезени само 13 наспроти 278 употребувани.
Од 2009 година досега, според податоците од Царинската управа, увезени се вкупно 631.574 патнички автомобили, од нив над 81 процент или 515.856 се половни, а само 115.718 се нови автомобили.
Увозот на нови возила дури минатата година првпат го надминува бројот на увезени нови возила во 2009 година кога за последен пат во земјата биле увезени повеќе нови - 10.574 автомобили наспроти половни - 2.944 автомобили.

Од тогаш во земјата секоја година се увезуваат повеќе половни од нови автомобили, а од 2010 до 2023 година ниту еднаш не се увезени повеќе од 10 илјади нови автомобили и дури минатата година е надминат овој праг кога се увезени 13.168 нови автомобили. Сепак, истовремено, минатата година се увезени и 41.484 половни возила.
Најмногу половни возила се увезени во 2010 година - 51.399 по што годишно се увезувале речиси 30 илјади половни возила. Минатата година повторно биле увезени значително повеќе половни возила, и тоа 41.483, а годинава за11 месеци таа бројка е надмината и увезени биле 41.842.
Во 2009 година 73,8 проценти од увезените возила биле нови по што имаме драстичен пад, па од 2010 година во увозот на возила доминираат половните. Во 2010 година уделот на употребувани достигнува 87,1 отсто, а во 2025 година опаѓа на 73,5 отсто. Највисок удел половните имаат во 2012 кога 88,3 проценти од сите увезени возила во земјата биле половни.
Увозот на нови возила од 2010 година бележи благ раст, од 12,9 проценти во 2010 на 26,5 отсто во 2025 година. Највисок удел новите возила имаат во 2022 година кога 28 отсто од вкупно увезените возила во земјата биле нови.
Секое трето возила во земјата е регистрирано во Скопје, за десет години двојно зголемен бројот
Вкупниот број регистрирани возила во последните десетина години, според податоците од Државниот завод за статистика, е удвоен, од 350.762 во 2012 година на 699.111 регистрирни возила во 2024 година, со просечен годишен раст од речиси 6 проценти. Најсилни трендови на раст има во 2013 од +17,35 отсто и во 2023 година од + 15,62 отсто.
Гледано по категории, патничките автомобили доминираат со стабилен раст (~5,6 отсто годишно) и го носат главниот дел од флотата за целиот период, а мотоциклите имаат највисок релативен раст од над 10 отсто годишно, што укажува на проширување на оваа сегментација - можни фактори: достапност, урбани мобилни трендови, пониски трошоци за одржување.
Автобусите растат побавно долгорочно со само +2,58 отсто годишно, а 2024 бележат и пад од -3,7 отсто.
Секое трето возило во земјата е регистрирано во Скопје. Од вкупно 699.111 регистрирани возила лани, 229.546 биле регистрирани на територијата на град Скопје. Истиот тренд е и кај патничките автомобили, со удел од 33,33 отсто, односно од вкупно 580.210 регистрирани автомобили лани, 193.356 биле во Скопје.
Скопје е натпросечно патничко и товарно ориентирано во структурата и двете категории имаат поголема концентрација отколку во државниот просек. Над 38 проценти од товарните возила се во Скопје, како и 33,33 отсто од патничките автомобили. Иако мотоцикли имаат малку под државниот просек по структура, во Скопје сепак се речиси 30 отсто од сите регистрирани мотоцикли во државата. Селскостопанските и помошните категории (трактори, приклучни, работни) се потпросечни по удел, така што само 5,85 отсто од вкупно регистрираните трактори во земјата се во Скопје.
Возниот парк се зголемува, но старее - на патиштата се возат сè повеќе и сè постари автомобили
Растот на бројот на патнички возила не значи нужно и подмладување на флотата. Напротив, во периоди со силен прилив на употребувани возила флотата знае да остарува, иако последните години има знаци на стабилизација и минимално подмладување.
Просечната старост на возилата е зголемена од 15,7 години во 2009 година на 19,4 години во 2024 година.
Стареењето кај патничките автомобили е најизразено и има додадено +3,7 години, што се совпаѓа со континуираниот прилив на употребувани возила минатата деценија. Товарните и влечните возила исто така стареат, но со помал наклон од патничките и во истиот период просечната старост е зголемена за 2,7 години, од 14,7 во 2009 на 17,4 години во 2024 година. Сепак, кај товарните трендот е поизразен отколку кај автобусите, кои имаат најрамна траекторија и раст од 0,7 години, од 18,1 година просечна старост во 2009 на 18,8 години просечна старост во 2024 година.
Во 2012 година на патиштата сме имале вкупно 301.761 автомобили со просечна старост од 16,8 години. Како се зголемува увозот, така се зголемува и просечната старост, па така во 2024 година на патиштата имало 580.210 регистрирани автомобили со просечна старост од 19,4 години.

Просечната старот на автомобилите на патиштата во земјата лани е 19,4 години, од кои над 87,9 проценти се постари од десет години, а само 1,8 отсто не биле постари од две години. Ова е негативен тренд во споредба со 2009 година кога просечната старост на автомобилите на патиштата во земјата била 15,7 години, од кои 68 проценти биле постари од 10 години, а околу 8 проценти не биле постари од две години. Во апсолутни бројки, во 2009 година имало двојно повеќе нови автомобили на улиците не постари од две години - 22 илјади, во споредба со 10 илјади нови автомобили во 2024 година. Над 455 илјади возила на патиштата во земјата биле произведени пред 2010 година, што значи дека се под Евро-5 еколошки стандард.
Речиси две третини од автомобилите на улиците се дизели, само еден процент хибрид или електрични
Од вкупно 684.417 регистрирани возила лани, 580.210 биле патнички автомобили. Од нив, најголемиот дел или околу две третини биле дизел, 25 отсто бензин и околу еден процент хибрид или електрични.
Во 2024 година на патиштата во земјата биле регистиррани 365.947 дизел-автомобили, 150-439 бензин, 5.078 хибридни и 1.507 електрични возила.
Во споредба по години, дизелот е структурно доминантен во патничките автомобили и расте со повеќе од 12 проценти годишно во последните десетина години, а бензинот постепено губи удел и има просечен годишен пад од -2,32 процента. Електричните и хибридните возила се мал сегмент, но со највисоки релативни стапки на раст во последните години, така што во 2024 во споредба со 2023 година се покажува особено силно зголемување.
Растот на електричните возила лани е 169 проценти, а на хибридите 295 отсто. Во 2024 биле регистрирани 1.507 електрични возила и 5.078 хибридни возила, а во 2023 биле 561 електрично и 1.287 хибридни возила.
Во последните десет години бензинците од 215.175 во 2014 година и удел од 58 отсто на патиштата постепено се намалуваат на 150.439 регистрирани возила во 2024 година или нешто под 26 процнети удел.
Истовремено, дизелите од 145.065 возила на улиците или удел од 39 отсто во вкупниот број регистрирани автомобили во 2014 година, има континуиран раст и се зголемува за речиси два и пол пати на 365.947 регистрирани возила во 2024 и удел од 63 проценти.
Фото: МИА