Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ интервенираше на критичните точки, акумулациите на стабилно ниво
- Санирани ризични делови од речните корита, формирани заштитни бедеми, исчистени над осум километри речни корита. Акумулациите во Липковско на стабилно ниво, информираа од претпријатието.
Куманово, 23 јануари 2025 (МИА) - Навременото детектирање и санирање на критичните точки, спречи излевање на реките од коритата во Кумановско, информираа денеска надлежните од АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“. Претпријатието, како што кажа директорот на АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“, Дарко Живковски, континуирано работи на терен за да нема сериозни излевања на реките.
Тој посочи дека се санирани повеќе критични точки и е направено зајакнување на заштитните бедеми. Привршува интервенцијата на Крива Река во селото Довезенце, каде што се спроведуваат активности за регулирање на речното корито.

- Во изминатиот период немавме излевање на реките од нивните корита. Во Доовеззнце имаше мало излевање кај мостот, но тоа беше предизвикано од непрописно изведен премин кој создава пречка во самото корито. Нема загрозени куќи ниту земјоделско земјиште, изјави Живковски.
Активности биле реализирани и во близина на Меморијалниот центар АСНОМ, како и во селата Јачинце, и Клечовце. Формирани се заштитни бедеми, а исчистени се и делови од речните корита во Табановце и Горно Коњаре, на реката Коњарка. Според податоците од претпријатието, исчистени се повеќе од осум километри речни корита, а механизацијата и во наредниот период ќе биде ангажирана на терен со цел навремено справување со потенцијалните ризици.
Во однос на хидролошката состојба, Живковски информира дека акумулациите се во стабилна состојба и бележат пораст на нивото на водата.
- Моментално располагаме со околу 14 милиони кубни метри вода. Очекуваме водостојот дополнително да се зголеми, што ќе овозможи доволни количини за претстојната сезона во 2026 година. Навремено ќе започнеме со наводнување и очекуваме успешна земјоделска сезона, изјави Живковски.
Тој апелираше до граѓаните да не фрлаат отпад во речните корита.
При теренските интервенции биле забележани зголемени количини смет и пластичен отпад, што дополнително го отежнува протокот на водата и го зголемува ризикот од поплави. ам/вј/
Фото: МИА