• недела, 11 јануари 2026

Во Штип изложба на делата на Јана и Филип - деца со аутистичен спектар

Во Штип изложба на делата на Јана и Филип - деца со аутистичен спектар

Штип, 10 јануари 2026 (МИА) - Јана Иванова и Филип Циглењак Симоновски се две деца со аутистичен спектар на возраст од 10 и 12 години, чии цртежи и слики денеска беа претставени во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ во Штип. Изложбата е во рамки на проектот на Здружението „Во мојот свет“.

Штипската публика може да види вкупно 40 дела што се само дел од продукцијата на Иванова и Циглењак.

Цртежите и сликите не се уметнички израз на авторите, туку нивен начин на комуникација со светот.  

-Јана црта, а Филип слика. Оваа изложба е килибар, од едната страна е талентот на Јана кон цртањето, а од другата страна е Филип кој ги развива бојата или апстрактноста. Во очи прво ми падна прецизноста на нејзиниот цртеж, како таа со еден потег, два потега може да реализира една замисла. Обично ја интересира фигурата, која дневно ја гледа во нејзиниот телефон или компјутер. Послабата страна и е бојата. Ова е инаку прва нејзина заедничка изложба, а трета самостојна, вели Јане Теохаровски, дедо на Јана.

Филип слика на платно веќе четири години и какошто вели неговите слики се апстрактни, а сликањето и играта со бои го прави со многу емоции. Вели дека не може да издвои ниту една од сликите, за да каже која му е омилена.

-Ќе сликам и понатаму, без разлика што и да ми речат вели Филип.

Неговата мајка посочува дека изложбите се во насока да се види талентот, но и невидливите попречености. Посочува дека како родители сакаат да ја подигната свесноста дека детето со аутизам не е дефинирано само од дијагнозата. Аутизмот не ги дефинира децата, туку ги дефинираат талентите коишто тие ги носат.

-И ги повикувам сите родители доколку забележат дека нивното дете поседува некаков талент, да се фатат за тоа, силно да го грабнат тој момент и силно да му ја дадат потребната поддршка. Зошто може да се случи нешто волшебно, вели мајката на Филип.

Весна Стојановска потпретседател на Здружението „Во мојот свет“ рече дека станува збор за проект којшто се вика „Огледало во мојот свет“ поддржан е од Швајцарска амбасада.

-Целта на оваа изложба е да се покаже пред се талентот на дечињата од аутистичен спектар. На овој начин се трудиме да се разбуди и јавната свест, колку овие дечињата треба да бидат прифатени во нашето општество, во општественото живеење, бидејќи секое дете заслужува да го покаже она што го има. Особено кога зборуваме за уметноста морам да кажам дека сериозно станува збор за многу талентирани деца, вели Стојановска.

Делата на Јана и Филип ќе бидат презентирани и пред публиката во Скопје и Охрид, а како што посочуваат организаторите, делата на Јана и Филип отвораат тивки, но силни прашања за различноста, чувствителноста и правото секое дете да биде видено и признаено. вдј/мч/

Фото: МИА

Остани поврзан