• сабота, 22 февруари 2025

Во Струмица промоција на новата збирка песни „Одглас (на нечуеното) од Сузана Мицева

Во Струмица промоција на новата збирка песни „Одглас (на нечуеното) од Сузана Мицева

Струмица, 24 јануари 2025 (МИА) - Со поетско читање и беседа вечер во Струмица ќе биде промовирана новата збирка песни „Одглас (на нечуеното)“ од поетесата Сузана Мицева. Песни од книгата ќе интерпретира младата актерка Васка Ангелова и авторката, а Ана Витанова-Рингачева која е и рецензент на книгата, низ книжевна беседа ќе ја претстави пред публиката.

-Стихот на поетесата Сузана Мицева е патник кој нема свое постојано место за починка, тој патува и освојува метафизички простори на духот, со порив да открие нови и непознати предели на мислата. Откривајќи ги, ги допира, ги чувствува, ги зема со себе и преку песната ги прави видливи за човекот и светот. Тоа е нејзиниот опит, нејзината потајна нарав, да гради домови надвор од својот, да ги облагородува, да колчи нови градини, да оградува парче небо и тука да битисува. И така сѐ до некое следно патување на песната, пишува Ана Витанова Рингачева.

Оваа е петта збирка песни за возрасни на Мицева, а излезе со поддршка на Министерството за култура и туризам како самоиздат.

Промотивниот настан ќе се одржи вечер во Младинскиот центар во Струмица, а средствата од продадените книги ќе се искористат за хуманитарните активности на Фондацијата „Елеуса“. рт/са/

Фото: организатор

Остани поврзан