• четврток, 04 декември 2025

Во Мисисага ќе се слави Св. Архангел Михаил: Македонците од Мала Преспа ги негуваат традициите далеку од татковината

Во Мисисага ќе се слави Св. Архангел Михаил: Македонците од Мала Преспа ги негуваат традициите далеку од татковината

Дебар, 21 ноември 2025 (МИА) - Друштвото на Македонците по потекло од Мала Преспа во Канада ќе го одбележи празникот Свети Архангел Михаил, заштитник на Малопреспанци,  со традиционален банкет кој ќе се одржи утре во Конгресниот центар во Мисисага.

-Овој значаен настан, кој ги обединува Македонците со потекло од областа Мала Преспа во Албанија, веќе традиционално се организира од друштвото „Мала Преспа“. Целта на банкетот е да се зачуваат и негуваат македонските традиции и културното наследство далеку од родниот крај, објави весникот „Македониум".

Петставникот на друштвото, Владимир Терпо, за весникот истакнува дека поканети и добредојдени се сите Македонци, не само оние чии корени влечат од Мала Преспа.

-Ги покануваме сите Македонци на овој традиционален македонски банкет со македонска музика да го обележиме празникот Св. Архангел Михаил и македонските традиции. Ова е настан на кој се чувствуваме како дома и каде што го славиме нашето македонско потекло, вели Терпо.

Очекува, како и до сега,  банкетот да биде место  на кое ќе се слушаат омилени македонски песни и ора и ќе се сретнат пријатели и познаници од целата македонска заедница во Канада.

-Настанот претставува уникатна можност за сите етнички Македонци кои живеат во Канада да се запознаат, да разменат спомени и да ги негуваат македонските традиции заедно, наведува весникот.

Друштвото „Мала Преспа“ во Канада е централна организација што ги обединува Македонците кои емигрирале од областа Мала Преспа, Албанија.

Друштвото е активно во одржувањето на културните традиции, организирајќи настани и градејќи мостови меѓу генерациите Македонци во нивната нова татковина. вт/дма/


Фото: весник „Македониум"

 

 

Остани поврзан