Во Македонска Каменица во тек работи за пробивање нови улици
- -Овој инфраструктурен проект, финансиран од Владата на Република Македонија, има за цел трајно решавање на долгогодишните проблеми со пристапноста и квалитетот на патната инфраструктура во овој дел од Македонска Каменица, информираше каменичкиот градоначалник Димчо Атанасовски.

Македонска Каменица, 10 февруари 2025 (МИА) - Во Македонска Каменица интензивно се спроведуваат градежните работи за пробивање и тампонирање на улицата „Ковачевска“ во Стара Каменица со вкупната должина од 550 метри.
-Овој инфраструктурен проект, финансиран од Владата на Република Македонија, има за цел трајно решавање на долгогодишните проблеми со пристапноста и квалитетот на патната инфраструктура во овој дел од Македонска Каменица, информираше каменичкиот градоначалник Димчо Атанасовски.
Во рамките на работите, покрај пробивање на трасата и подготовките за тампонирање, во моментов се вршат и мерења за збиеност на тлото, за создавање на услови за понатамошна квалитетна изградба и долготрајност на патот.
-Исто така, оваа инвестиција е дел од нашата поширока и долгорочна стратегија за подобрување на локалната патна мрежа, што е еден од нашите приоритети во насока на подобрување на условите за живот во сите делови на општина Македонска Каменица, додаде Атанасовски.
Како градоначалник, заедно со вработените во ЕЛС Македонска Каменица, континуирано и посветено најави дека ќе продолжи работата на унапредување на инфраструктурата во сите населени места во Македонска Каменица. Целта на реализацијата на вакви проекти како што додаде е секој жител да има пристап до модерна, безбедна и функционална патна мрежа. вс/дма/
Фото: Општина Македонска Каменица