Во Киев средба на Брнабиќ со претседателот на Врховната рада на Украина
Белградм 10 ноември 2025 (МИА) - Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, која е во посета на Украина, изјави дека Србија целосно ја поддржува таа држава во процесот на пристапување кон Европската унија и дека парламентарните групи за пријателство на двете земји добро соработуваат за тоа, како и за други прашања, објавено е на сајтот на српскиот Парламент.
Таа беше во Киев, во посета на украинскиот Парламент и разговараше со Руслан Стефанчук, спикер на парламентот. Во изјава за новинари Брнабиќ рече дека Украина може да смета на Србија кога станува збор за поддршка во европската интеграција.
Според министерот за европска интеграција Немања Старовиќ, Брнабиќ изјавила дека Меморандумот за разбирање меѓу Србија и Украина за пристапување кон ЕУ е финализиран и дека се надева дека двете страни наскоро ќе го потпишат.
Брнабиќ изјави дека Србија и доставила на Украина, од почетокот на војната со Русија во февруари 2022 година, голема количина хуманитарна и финансиска помош, како и дека таа е поголема од сумата на помошта што дошла во таа земја од целиот регион на Западен Балкан.
Таа заклучи дека Украина е пријател на Србија и може да смета на нејзината помош и го покани Стефанчук да ја посети Србија.
На заедничката конференција, Стефанчук и се заблагодари на Брнабиќ за посетата и рече дека со неа разговарале за голем број прашања во односите меѓу двете земји, вклучувајќи ја меѓупарламентарната соработка и заедничкиот пат кон членство во ЕУ.
„Верувам дека постои голема поддршка и соработка меѓу нашите парламенти“, додаде тој. зш/
фото српско Народно собрание/сајт