• петок, 21 февруари 2025

Во Загреб се одржа првиот круг консултации меѓу Хрватска и Црна Гора за отворени прашања

Во Загреб се одржа првиот круг консултации меѓу Хрватска и Црна Гора за отворени прашања

Загреб, 27 јануари 2025 (МИА) - Во Загреб денеска се одржаа билатерални консултации меѓу Црна Гора и Хрватска за отворените прашања, при што двете страни изразија подготвеност за отворен и активен дијалог, соопштија двете министерства за надворешни работи.

Тие наведуваат дека на средбата се разговарало за состојбата со отворените прашања, како и за натамошната динамика на работата и начинот на нивно решавање, со цел што поскоро да се постигнат конкретни резултати.

„Двете страни изразија подготвеност за отворен и активен дијалог. Напредокот во решавањето на отворените прашања ќе придонесе за севкупните билатерални односи и натамошната интеграција на Црна Гора во ЕУ, што е во нивен заеднички интерес. Двете страни се договорија за постојан контакт за овие прашања и воспоставија рамковна динамика на следните состаноци“, се додава во соопштението.

Консултациите ги водеа државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Црна Гора, Периша Кастратовиќ и државниот секретар во Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска, Фране Матушиќ.

Официјален Загреб претходно објави дека консултациите предвидуваат дискусии за границата на полуостровот Превлака, сопственост на бродот за обука „Јадран“, отштета за воените заробеници за време на војните во 90-тите и други прашања.

Консултациите почнуваат во време на затегнати односи меѓу Подгорица и Загреб, кои во средината на декември 2024 година го блокираа затворањето на поглавјето 31 во преговорите на Црна Гора со ЕУ, кое се однесува на надворешната, безбедносната и одбранбената политика. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан