Во Грузија уапсени над 200 демонстранти
- Повеќе од 200 луѓе се приведени на синоќешните протести во главниот град на Грузија, Тбилиси поради владината одлука за суспензија на преговорите за членство во ЕУ
Тбилиси, 2 декември 2024 (МИА) – Повеќе од 200 луѓе се приведени на синоќешните протести во главниот град на Грузија, Тбилиси поради владината одлука за суспензија на преговорите за членство во ЕУ.
Грузиското Министерство за внатрешни работи соопшти дека 244 демонстранти се приведени поради административни тужби, а тројца се уапсени поради кривични пријави. Додека лекарска помош побарале 113 полицајци, а тројца се хоспитализирани.
Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили наведе дека голем број од приведените демонстранти се здобиле со повреди на коските, главата и лицето.
Најавата на Владата за суспензија на процесот за членство во ЕУ уследи неколку часа откако Европскиот парламент усвои резолуција со која се критикуваат октомвриските избори како неслободни и нефер.
Во декември минатата година ЕУ и додели кандидатски статус на Грузија, но годинава процесот го стави на чекање и ја прекина финансиската поддршка по усвојување на Законот за „странско влијание“.
Во Грузија од 2012 година на власт е партијата Грузиски сон, која според критичарите, се обидува да ја оддалечи земјата од ЕУ и да ја приближи Русија.
Грузиски сон победи на изборите минатиот месец, но пратениците од опозицијата го бојкотираат новиот парламент, тврдејќи дека има изборен фалсификат, додека за претседателката Зурабишвили парламентот е „неуставен“. ми/
фото: ЕПА