• недела, 11 јануари 2026

Вангел Ноневски, универзитетски професор по филозофија, за МИА: Да почнувам сега, би склопил фестивал за промоција на терсене музика

Вангел Ноневски, универзитетски професор по филозофија, за МИА: Да почнувам сега, би склопил фестивал за промоција на терсене музика

Скопје, 8 јануари 2026, (МИА)

Бранка Д. НАЈДОВСКА

Вангел Ноневски е роден 1977 година во Белград. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, кај што пронајде некаков извртен модус музиката да ја слуша и третира на поинаков начин. Досега има издадено три авторски книги и приредено еден зборник. Три години (2008-2011 година) пишувал колумни за неколку македонски медиуми. Има преведено шест книги од англиски јазик и една од хрватски јазик. Неговите академски интереси и активности се од областите на културата и студиите на ремиксот (од Дишан до Grandmaster Flash); естетиката и интердисциплинарните студии на интерактивните уметности; модерната уметност и нејзиниот однос кон семиологијата (од Бенјамин до Дерида и отаде); теоријата на современата архитектура и јавниот простор; и сè она што влегува во пукнатините меѓу нив. Од 2012 година до денес е ангажиран како професор на три универзитети, каде што се обидува да не се претставува како сезнајко. Главен координатор е на проектите и активностите на АКСИОМА, во рамките на која се обидува, заедно со своите соработници/пријатели, да им даде платформа на уметностите да бидат доживувани како што треба – во живо. Последново го смета за свој најголем предизвик, зашто придонесот кон изградба на здрава културна средина е едно од најскапоцените нешта коишто можеме да ги оставиме на нашите деца. Татко е на милото и среќно детенце Лука.

Кога е основано здружението АКСИОМА, дали името има некое значење и која беше првата нејзина активност?

АКСИОМА е на некој начин делумна кратенка за Асоцијација за културна соработка и истражување. Тоа е нејзиниот „поднаслов“. Основана е уште 2008 година, но за нејзината прва активност требаше да се почека дури до 2014 година, кога ова здружение ми послужи како платформа за издавање на мојата книга Грамофонот како метаинструмент: од механичка репродукција до ремикс култура. Таа книга/зборник претставуваше радикална преработка и дополнување на мојата магистерска теза. Велам „книга/зборник“ зашто всушност, беше две книги во една: поделена на две страни, како грамофонска плоча. Првата страна беше мојот авторски труд, а втората зборник на текстови – избрани, преведени, „смиксувани“ и „скречувани“ исто од мене. Книгата беше подготвувана ентузијастички долг временски период, а главно се занимаваше со темата како од веќе достапни звучни елементи (фрагменти од песни или т.н. семплови) се создаваат нови композиции. Самиот збор „композиција“, всушност, значи склопување, па е применлив и во овој контекст, кога класично компонирање воопшто не постои. Сево ова беше разгледувано низ призмата на хип хоп диџејот, како родоначалник на техниката на миксување постоечки музички фрагменти во нови целини. Не случајно цело време за оваа книга говорам во минато време, зашто нејзиниот тираж од 300 примероци е веќе распродаден и/или подарен.

Кои беа следните активности на АКСИОМА?

За нив требаше да се почека уште неколку години. 2018 и 2019 година, јас и моите соработници и пријатели – Јордан Шишовски и Владимир Лукаш, ги организиравме интердисциплинарните проекти „Ремиксувај ја својата културна стварност“ и „Ремиксувај го говорот на омраза“. Првиот претставуваше јавен повик за млади дизајнери и креативни луѓе да направат редизајни на постоечки корици на македонски музички албуми и книги и постери на филмови. Вториот (сличен јавен повик) се обиде да се соочи со посериозен проблем – обид за креативна демистификација на еден горлив проблем во нашето општество. Двата проекта беа реализирани со јавни дебати во сега веќе непостоечкиот центар „Кино култура“, и од двата произлегоа каталози на дизајни со дискутабилен квалитет. Покрај тоа, до 2022 година издадовме уште седум теориски книги од домашни и странски автори.

Кој момент ви покажа дека АКСИОМА „функционира“?

Тоа веројатно беше со реализацијата на првиот „Омнибустопија“ настан – мултиуметнички проект кој доживеа шест изданија од 2019 до 2024 година. Идејата за овој проект потекнува од Јордан и Лукаш. Сите активности од првото издание на овој мини-фестивал се случија во автобус на ЈСП кој се движеше низ студенилото на декемвриско Скопје: таа вечер јас имав критичко излагање за проектот „Скопје 2014“, потоа следуваше настап на повеќе поети од поетската дружина Астални проекции, а откако автобусот заврте еден голем круг низ градот и повторно се стационираше пред фонтаната во Градскиот парк, концерт во автобусот имаше гараж панк-џез триото Светлост. До денешен ден, за тој исклучително гласен концерт (автобусот е тесен, нели) членовите на Светлост велат дека им е еден од најдрагите во нивната досегашна кариера. Ми се чини дека тогаш почувствувавме дека нешто ново „кликна“ на вистински начин, дека оваа идеја има перспектива.

Зошто „утопија“ во името, и дали денес проектот е поблиску до утопија или до критика на реалноста?

Зашто убаво звучи! И зашто делува утописки жива уметност, а особено концерти да се организираат во толку тесен и подвижен простор, а сето тоа, според изјавите на посетителите, да биде стокмено на начин кој го прави уметничкото доживување интересно, зашто не се случува во статичен простор, како што е случај со сите останати слични настани. Денес проектот „Омнибустопија“ е или ставен на пауза, или ќе биде целосно напуштен. Финансиски средства за овој проект не сме добиле уште од неговото петто издание, пандемијата оневозможи негова реализација во подвижен и затворен автобус во следните три изданија, а единственото издание во кое се одржа уште еден концерт во автобус беше токму петтото, кога концерт одржа триото на нашиот исклучително креативен тапанар Драган Теодосиев.

Што се однесува до вториот дел од прашањето, секоја авангардна уметност, особено живо-перформативната, претставува длабоко субверзивен потфат, бидејќи ги мобилизира креативно-критичките потенцијали на публиката. Креативното (па и критичкото) мислење најубаво се гради кога тоа ќе биде предизвикано да се соочи со уметност која изнудува ангажман за нејзино интерпретативно довршување; кога бара од публиката проактивност; кога ја „скокотка“ нејзината фантазија да се размавне во неочекувани насоки. Со младите луѓе кои се гладни за таква уметност никој не може да се зафркава. Проблемот се состои во тоа такви млади луѓе да има повеќе, а тоа е веќе системски проблем. Ние се обидувавме, колку што можевме, да понудиме содржини кои ќе привлечат таква публика. Јас досега не сум задоволен со бројноста на публиката која ги посетуваше овие настани.

Зошто целосно да го напуштите проектот „Омнибустопија“ кога неговата јавна резонанца се покажа како добра?

Прво, зашто ништо не треба вечно да трае, особено не по цена кога ќе се загуби можноста проектот да продолжи да опстојува според првичната идеја. Изнајмување автобус на ЈСП на три саати не е евтино, како и останатите трошоци за хонорари и техничка логистика, а финансиски средства за тоа веќе воопшто немаме. Згора на тоа, фестивалот почна се повеќе да деклинира во музичка насока, со што се оддалечи од неговиот мултиуметнички карактер. Според тоа, можеби и тој, слично како двата претходни проекта „Ремиксувај...“ ќе згасне, за да отвори простор за нешто ново. Се чувствувам комотно и растеретено кога оставам нештата да умрат – една од најнормалните работи на свет. Тоа делува терапевтски и ослободувачки, зашто ве лишува од потребата да глумите вештачки континуитет, без реална супстанца зад него.

Во тој контекст, следното логично прашање е поврзано со вашето музичко издаваштво последниов период. Пред извесно време прославивте мал јубилеј – 10-то албумско издание, а веднаш по тоа издадовте уште еден албум...

Се испостави дека тоа е она што, барем мене, најмногу ме исполнува. Музиката отсекогаш била на врвот на мојата вредносна пирамида на уметности. А издаваштвото почна сосем случајно. Имено, веднаш откако се оформија, почнав интензивно да ги следам живите настапи на триото Строг пост (Филип Букршлиев на електрична гитара, Дени Омерагиќ на електричен бас и Кристијан Новковски на тапани), зашто многу ми се допадна нивниот спој на стонер метал, психоделија, дум џез и пост рок. Почнав да ги гњавам кога ќе издадат албум. По извесно време, на Дени му здосади од континуирани прашања и ми врати: „Па што не го издадеш ти?“ И тогаш повторно ми „кликна“. Зошто АКСИОМА да не почне да издава албуми од богатата македонска авангардна музичка сцена? Особено ме охрабри исклучително успешната концертна промоција на деби албумот на Строг пост, кој го издадовме на самиот почеток на 2024 година. Од тогаш, почнаа да се редат и други албуми: Јордан Костов, Глигор Кондовски, Букршлиев/Хаџи Коцев/Спировски, Костадин Делиниколов... Сепак, досега најуспешно издание беше третиот албум на најквалитетниот македонски џез квартет – Такси Конзилиум. Концертната промоција на албумот во Скопје помина одлично, а набргу потоа тие заминаа на уште поуспешна турнеја низ Србија. Јубилејното издание (албумот Neo-Noir) беше на триото Глигор Кондовски (виолина), Константин Хаџи Коцев (пијано) и Мартин Георгиевски (електроника), што всушност, претставуваше албум во живо од нивниот настап на минатогодишната Омнибустопија 6. Од истиот фестивал, претходно беше издаден албумот Long Slow Fall на триото Букршлиев/Омерагиќ/Спировски, познато и како Одрон трио.

Последното издание е најексклузивното и најамбициозното досега, бидејќи се работи за концертен албум на меѓународниот Јордан Костов Маглота Секстет (со музичари од Виетнам, Кина, Бразил и Русија), придружуван од хорот „Св. Злата Мегленска“. Тие одржаа одличен концерт на 30 јуни 2025 година во Македонската филхармонија. Концертот беше снимен, тој е веќе издаден како дигитален албум, а кон крајот на јануари ќе биде „овековечен“ и на грамофонска плоча.

Што би смениле ако почнувате од нула денес?

Би собрал поголем тим на помлади луѓе, порано би почнал да издавам музика и да организирам концертни промоции на албумите. Веројатно би склопил и некој фестивал наменет за промоција на терсене музика, како што обично сакам да ја нарекувам музиката која се издава за АКСИОМА.

Што, според Вас, најмногу недостига денес во јавниот дискурс?

Помалку жалење и кукање, повеќе работа на терен за поширока промоција на терсене музики и уметности. 

Фото: Приватна архива

 

Остани поврзан