• вторник, 09 декември 2025

Ванг Ји го повика Вадефул на соработка и поддршка на принципот „единствена Кина“

Ванг Ји го повика Вадефул на соработка и поддршка на принципот „единствена Кина“

Пекинг, 8 декември 2025 (МИА) - Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денеска, на состанокот со својот германски колега Јохан Вадефул во Пекинг, повика на соработка и доверба, се посочува во соопштението на Министерството за надворешни работи во Пекинг.

Дополнително, Ванг упати повик до Германија да ја поддржи позицијата на Кина за Тајван, посочува Министерството. – Целта на посетата на Вадефул на Кина треба да биде соработката, а не споровите, како и проширувањето на заемното разбирање и довербата, а не продлабочувањето на разликите, изјави кинескиот прв дипломат.

Ванг истакна дека принципот за „единствена Кина“ е важна политичка основа на кинеско-германските односи и „нема апсолутно никакво место“ за нејаснотии по тоа прашање. Кина го смета демократски самоуправуваниот остров Тајван за своја територија и се придржува до принципот за „единствена Кина“, што значи дека земјите од двете страни на Тајванскиот Теснец припаѓаат на една држава – тврдење што владата во Тајпеј го отфрла.

Од друга страна, Кина им придава значење на германските грижи поврзани со контролата врз извозот и постепено применува општ систем за издавање дозволи за извоз на ретки земни елементи, изјави на својот состанок во Пекинг со Вадефул кинескиот министер за трговија Ванг Вентао. Тој посочи дека Кина веќе направила исклучоци во лиценцирањето на извозот за одредени чипови поврзани со холандската компанија „Некспериа“ (Nexperia). ссм/

фото: архива

Остани поврзан