• сабота, 22 февруари 2025

Ван Дајк: Подготвени сме за последниот марш

Ван Дајк: Подготвени сме за последниот марш

Ливерпул, 17 февруари 2025 (МИА) - Капитенот Вирџил ван Дајк е уверен дека играчите на Ливерпул нема да бидат психички ослабени во долгата трка за титулата во англиската Премиер лига. Победата од 2-1 над Вулверхемптон викендов ги врати „црвените“ на победничкиот колосек, но тимот не изгледаше убедливо и за малку ќе испуштеше бодови второ коло по ред во Премиер лигата.

-Сите сме луѓе и разбирам дека на моменти може да има нервоза и двоумење. Реков пред неколку недели дека само треба да ги врземе безбедносните појаси и да уживаме во авантурата. Не можеме да се извлечеме од се, има многу предизвици. Ако не сме подготвени за она што доаѓа, а ние веќе сме го доживеале, ќе бидат тешки два месеци. Сепак, имам чувство дека тимот е подготвен за последниот марш. Ќе дадеме се од себе во последните 13 натпревари и откако ќе завршат ќе дознаеме дали сме направиле доволно. Гледаме напред, натпревар по натпревар и не ни е грижа што прават другите. Немаме апсолутно никакво влијание што ќе се случи со другите, изјави Ван Дајк.

Ливерпул можеби нема директно влијание врз вториот на табелата Арсенал, но во среда „црвените“ може да им зададат психолошки удар на своите ривали со победа против Астон Вила. Доколку победат во својот одложен натпревар во Премиер лигата, „црвените“ ќе водат со двоцифрена разлика. 

Сепак, Ван Дајк има искуство со вакво нешто, бидејќи неговиот тим претходно водеше со десет разлика, но не успеа да стане шампион.

Ливерпул имаше слично водство во јануари 2019 година, но тимот на Пеп Гвардиола победи на 18 од последните 19 натпревари. Така „црвените“ на Јирген Клоп завршија на второто место со рекорден број на поени – 97.

-Не можам да зборувам за остатокот од тимот. Можам само да кажам што мислам. Можам да им кажам и дека двапати сум бил во слична ситуација, а титулата ни избега и двата пати. Нашата единствена работа е да се фокусираме и да се обидеме да победиме на секој натпревар. Ако го направиме тоа, тогаш ќе успееме, додаде холандскиот дефанзивец. дс

Фото: Архива

Остани поврзан