Борнмут инкасираше рекордни 75 милиони евра од трансферот на Семењо во Сити
- Манчестер Сити официјално го потврди денеска доаѓањето на репрезентативецот на Гана, Антоан Семењо од Борнмут во трансфер вреден околу 75 милиони евра.
Манчестер, 9 јануари 2026 (МИА) – Манчестер Сити официјално го потврди денеска доаѓањето на репрезентативецот на Гана, Антоан Семењо од Борнмут во трансфер вреден околу 75 милиони евра.
Тоа е рекорден трансфер во историјата на Борнмут, откако Сити ја активираше клаузулата за откуп во договорот на Семењо.
Репрезентативецот на Гана потпиша договор со Манчестер Сити до 2031 година и ќе го носи дресот со број 42, со кој претходно настапуваше Јаја Туре.
„Исклучително сум горд што станав играч на Манчестер Сити. Клубот поставува највисоки стандарди, има врвни играчи, врвни услови и еден од најдобрите тренери на сите времиња, Пеп Гвардиола“, рече Семењо.
Борнмут го донесе Семењо од Бристол Сити во јануари 2023 година за околу 10 милиони фунти, а го напушта клубот по одиграни 110 натпревари на кои постигна 32 гола и додаде 13 асистенции.ег
ФОТО: ЕПА