• петок, 05 декември 2025

Биенална изложба „Скици 2025“ во Куманово

Биенална изложба „Скици 2025“ во Куманово

Куманово, 13 ноември 2025 (МИА) - Биеналната изложба на цртежи „Скици 2025“, од кумановски автори ќе биде отворена вечер со почеток во 19: 30 часот во НУЦК „Трајко Прокопиев“ информираа денеска од установата. Пред публиката ќе бидат презентирани дваесетина дела изработени од десет автори. Кумановската публика ќе има можност да ги разгледа делата на авторите Тања Соларска – Темелковски, Марина Цветановска – Мартиновска, Дејан Арсовски – Бабата, Зоран Арсовски – Бабата, Александар Стефановски, Далибор Крстевски, Милена Арсовска, Миранда Беќири – Фазлиу, Валентина Илијевска, Стефан Анчевски.

Проектот „Скици 2025“ е биенална презентација на современиот цртеж на академските ликовни уметници од Куманово. Изложбата се реализира по деветти пат пред ликовната, но и пошироката публика ќе бидат претставени десет автори со своите дваесетина цртачки остварувања.

- Сметајќи го цртежот за важна компонента во реализацијата на едно ликовно дело, тимот на Секторот за визуелни уметности, архитектура и дизајн при НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово (носител на проектот) направи напор за вклучување на академски уметници од повеќе специјалности (сликари, скулптори, графичари). Оттука и резултираше разновидноста на понудените решенија пред сè во пристапот, но и во негова конечна реализација. Се надевам дека од изложените дела на оваа изложба публиката ќе го осознае тој процес а авторите ќе ги мотивира и понатаму да му посветуваат должно внимание на цртежот, информира, историчарот на уметност, Роберт Цветковски.

Изложбата ќе биде поставена до 27 ноември, годинава. ам/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан