Белград е домаќин на состанок на министри за надворешни работи на ЦЕИ
- Во Белград денеска ќе се одржи состанокот на министрите за надворешни работи на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), на кој Србија ќе го предаде претседателството со таа организација на Романија за 2026 година.
Белград, 26 ноември 2025 (МИА) - Во Белград денеска ќе се одржи состанокот на министрите за надворешни работи на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), на кој Србија ќе го предаде претседателството со таа организација на Романија за 2026 година.
Србија го презеде годишното претседателство со ЦЕИ на 1 јануари 2025 година, и во изминатиот период ги фокусираше своите активности на четири клучни приоритети: поддршка на процесот на европска интеграција, развој на вештачката интелигенција, зајакнување на регионалната инфраструктурна поврзаност и прашања за миграција на работна сила, соопшти српското МНР.
ЦЕИ, најстарата регионална иницијатива во Централна и Југоисточна Европа, основана во 1989 година од Италија, Австрија, поранешна СФРЈ и Унгарија, денес обединува држави од ЕУ, Западен Балкан и поширокото соседство, зближувајќи ги преку соработка во економијата, политиката, културата и младинските програми. Работата на организацијата во наредниот период е водена од Акцискиот план 2024-2026, а на претходниот состанок на министрите за надворешни работи во Тирана беа потврдени мерките за понатамошно зајакнување на ЦЕИ.
Посебниот акцент на таа иницијатива останува на соработката со ЕУ и поддршката за европската интеграција, додека регионалната „проектно ориентирана“ соработка е основа на нејзиното функционирање. Состанокот во Белград ќе биде можност да се сумираат резултатите за време на претседателството на Србија и да се постават нови приоритети за следниот циклус на соработка во рамките на ЦЕИ. зш/ссм/