Анутин го суспендира мировниот договор помеѓу Тајланд и Камбоџа
- Премиерот на Тајланд, Анутин Чернвиракул денеска го суспендираше мировниот договор со Камбоџа откако четири војници утрово беа повредени при експлозија на мина додека патролираа на границата во провинцијата Си Са Кет. Тој, исто така, го одложи и ослободувањето на 18 војници од Камбоџа
Бангкок, 10 ноември 2025 (МИА) – Премиерот на Тајланд, Анутин Чернвиракул денеска го суспендираше мировниот договор со Камбоџа откако четири војници утрово беа повредени при експлозија на мина додека патролираа на границата во провинцијата Си Са Кет. Тој, исто така, го одложи и ослободувањето на 18 војници од Камбоџа.
- Тоа што се случи покажува непријателство кон Тајланд и континуирана безбедносната закана, наведе Анутин.
Министерот за одбрана на Тајланд, Натапон Наркпханит изјави дека нагазната мина најверојатно скоро е поставена, бидејќи експлозијата се случи на пат на кој тајландските војници редовно патролираат.
Според него, Камбоџа со таквиот акт покажа дека не ја почитува декларацијата потпишана на 26 октомври.
Министерството за одбрана упати и писмен протест до Камбоџа, а ќе биде и поведена истрага со која ќе се утврди дали експлозијата го нарушила суверентиетот на Тајланд.
Во петдневниот судир помеѓу Тајланд и Камбоџа, што се случи кон крајот на јули, загинаа десетина луѓе, а над 260.000 се раселени. По посредувањето на малезискиот премиер Анвар Ибрахим и притисокот на американскиот претседател Доналд Трамп, двете земји се согласија на прекин на огнот.
Премиерот на Тајланд и на Камбоџа, Анутин и Хун Сен на 26 октомври потпишаа договор за прекин на огнот во малезискиот главен град Куала Лумпур, во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, кој интервенираше во јули за ставање крај на пограничниот конфликт. ми/
фото: ЕПА